Утре протестен марш на средношколците во Охрид

Охридските средношколци најавија дека утре ќе маршираат против, како што велат, лошите образовни реформи. Со почеток од 13 часот, средношколците ќе тргнат од дворот на гимназијата Св. Климент Охридски, па се до градскиот плоштад.

Учениците од овој град вчера им се приклучија на своите соученици од Скопје и Тетово прогласувајќи бојкот на наставата. Тоа значи дека наместо формална настава, во гимназијата „Св. Климент Охридски“ и средното економско училиште, вчера и денеска се одвиваат алтернативни активности.

Охридските средношколци вчера потенцираа дека се против новиот концепт на државната матура, воедно барањата ги доставија до директорот на гимназијата.

„Новиот концепт на полагање на државната матура негативно се одразува и врз сегашните матуранти и врз идните, и не придонесува за повисок квалитет и повисоки знаења. Тука е вклучено електронското полагање и полагањето во седум дена кое за нас е многу напорно, несигурно и неприфатливо“, изјавија средношколците вчера.

Тие велат дека додека не бидат сослушани и не се прифатат барањата на Средношколскиот пленум ќе ја бојкотираат наставата.