Утре почнува скринингот на учениците, први ќе се тестираат средношколците во Скопје

Утре ќе започне скринингот на учениците во 9 средни училишта во Скопје, информира Министерството за здравство.

Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци, а низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.

„Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина“, информираат од министерството.

Целта на скринингот, посочуваат надлежните, е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид-19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата, велат од министерството.

Оттаму апелираат на поддршка од родителите при давање на потребната согласност.