Уставното дефинирање на бракот пред Собранието

Денеска на дневен ред на деветтата седница на Собранието, закажана со почеток во 11 часот, е предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија. Помеѓу останатите измени, предвидено е и дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Уставното дефинирање на бракот пред Собранието

Во предлогот на Владата на Република Македонија, потпишан од премиерот Никола Груевски, за потребата за уставно дефинирање на бракот се вели:

„Во функционирањето на уставниот систем на Република Македонија од донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, се наметнува потребата од јасно и прецизно уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Со Уставот на Република Македонија со членот 40 ставот 1 и 2 е утврдено дека „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Измените на Уставот на Република Македонија ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.“

Промената на Уставот е возможна само со двотретинско мнозинство (82 пратеника) кое ВМРО-ДПМНЕ (61) заедно со коалиционите партнери ДУИ (19) и ГРОМ (1) го немаат, и тоа само за еден пратеник. Сепак, неизвесно е како ќе гласаат пратениците од опозициските партии и тоа ДПА (7), НДП (1), СДСМ (2) и ЛДП (1). Доколку уставното дефинирање на бракот биде усвоено, тоа ќе значи дека брачната еднаквост во Македонија никогаш нема да се случи, а дискриминацијата на истополовите двојки ќе се забетонира, пишува Женската алијанса.

Пред десетина дена од ИЛГА-Европа предупредија дека балканските земји, вклучително и Македонија, грешат во врска со геј бракот. Оттаму алармираа дека овие иницијативи се штетни и имаат за цел да ги обезвреднат личноста и достоинството на малцинството и се во целосна контрадикција со самиот дух и принципите на човековите права, еднаквост, достоинство и почитување.

Вчера пак, хрватскиот парламент го изгласа Законот за животно партнерство кој им овозможува на истополовите двојки скоро идентични права како оние кои ги поседуваат хетеросексуалните брачни парови, со исклучок на правото на посвојување деца. Од вчера во Хрватска „бракот, вонбрачната заедница, животното партнерство и неформалното животно партнерство законски се признати како заедници кои претставуваат семеен живот“, стои во соопштението на Zagreb Pride. Семејниот живот на истополовите парови во оваа земја, а од сега и животните партнери и партнерки, го штити Уставот на Република Хрватска, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд на Република Хрватска.

Извор: Womensalliance.mk