Хрватска изгласа закон за животно партнерство на лица од ист пол

Денеска во Хрватска, е изгласан Закон за животно партнерство, објавија хрватските медиуми. За законот гласале 89 пратеници, а против биле само 16 пратеници. Со тоа, во Хрватска, бракот, вонбрачната заедница, животното партнерство и неформалното животно партнерство законски се признаени како заедници кои го опфаќаат семејниот живот.

Хрватска изгласа закон за животно партнерство на лица од ист пол

Според Законот за животно партнерство, партнерите од истополовите парови ќе ги уживаат истите права како и брачните партнери, со исклучок на правото на посвојување деца. Семејниот живот на истополовите партнери, отсега животни партнери и партнерки, е заштитен со Уставот на Република Хрватска, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд на Република Хрватска.

Меѓу оние кои учествуваа во подготовката на овој закон, беа и Zagreb Pride, и тие сметаат дека ова законско признание е долго очекувано за истополовите семејства. Според нив, со истото се порачува дека сите семејства се еднакви, сите семејства заслужуваат да живеат сигурно и среќно, како и дека човековото достоинство, независно од нечија сексуална ориентација или родов идентитет, е неотуѓиво, објави crol.hr.

– Токму затоа истополовите партнери ќе можат да стапат во животно партнерство на јавен и свечен начин, пред матичар, при што Република Хрватска и на симболичен начин ги третира двете заедници – и браковите и животните партнерства. Освен тоа што со законов, во целост, се изедначуваат правата на ЛГБТИ лицата и нивните семејства, со истиот се остваруваат и предусловите за социјална стабилност на истополовите партнери – велат од Zagreb Pride.

Најголем дел од правата и обврските кои ги регулира Законот за животно партнерство се однесуваат токму на социјалните права: право на семејна пензија, здравствено осигурување преку животниот партнер/ка, правото и обврската на издржување на партнерот, гаранција за слободата на движење и други права кои се третирани низ целата Европска Унија, недискриминација и еднаквост на полето на пазарните јавни и приватни услуги, осигурување на рамноправноста на полето на домување и даночни олеснувања, го регулира наследувањето, како и областа од семејниот живот на истополовите парови со деца.

Законот за животно партнерство ќе влезе во сила осмиот ден од објавувањето на истиот во Службениот весник на Република Хрватска, а првиот венчан истополов пар може да се очекува при средината на август.

Извор: lgbti.mkcrol.hr