Урбанистички хаос, близу 5.000 дивоградби и угостители без дозволи во Охрид, утврди Државниот завод за ревизија

Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а нема ни преземено мерки за отстранување на дивоградбите, особено во заштитените подрачја. Поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 денари е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот

Ова се дел од заклучоците на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој во својот последен извештај укажува дека Охрид се „дави“ во разни урбанистички, комунални и угостителски проблеми.

Анализирана е состојба во 2024 година, кога градоначалник беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во изминатиов ноември го стартуваше и вториот мандат.

„За 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите се уште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење“, стои во извештајот.

Според ревизионерите, во постапките за утврдување правен статус на дивоградбите не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на нивниот правен статус на бесправно изградени објекти, кој е на одложено плаќање  – 12 еднакви месечни рати, така што издадени се решенија со само една извршена уплата.

Иако, Советот има донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години, по истите не е постапено.

„За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во извештајот.

Извор: ДЗР

Не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.

„Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користат јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од 3 месеци, се користат за 12 месеци“, нагласуваат ревизионерите.

Поставената урбана опрема, (натстрешници кои се градежно прицврстени на јавната површина со фиксна конструкција, челични столбови, затворен простор со стаклена преграда) не претставува лесно монтажен-демонтажен елемент и ја нарушува основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.

„За вршење на угостителска дејност надвор од деловниот објект на простор наменет за угостителски услуги, не се издадени одобренија од градоначалникот на Општината, согласно Законот за угостителска дејнот“, забележуваат од ДЗР.

Извор: ДЗР

Понатаму, како што нагласуваат, Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет.

„За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22.880.000 денари, а општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831.000 денари. Исто така, не се искажани побарувања за комунална такса за користење на простор за паркирање на моторни возила на територијата на општината. Јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП Билјанини извори Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија што обврска според евиденцијата на претпријатието, изнесува 3.901.000 денари“, вели Државниот завод за ревизија.

Ревизорите откриле и друго сомнително однесување со општинските пари, за кое не знаел Советот на Општината.

„Без Одлука од Советот на Општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534.000 денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година и отпис на 4.832.000 денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица. Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок, не се пресметува и наплатува камата“, вели ДЗР.

Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по Одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 м2 за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето.

„Врз основа на спогодба од 2023 година, извршена е експропријација на градежно земјиште во КО Велгошти, сопственост на правно лице, кое земјиште согласно Генералниот урбанистички план (ГУП) е наменето за градење на објекти за општа употреба/гробишта, а како надомест за експроприраното земјиште се дава градежно земјиште во државна сопственост со намена хотелски комплекс. Согласно извршената проценка од страна на овластен проценител експроприраното градежно земјите е проценето во вредност од 3.315.000 денари, додека земјиштето кое се дава како надомест на 2.622.000 денари, а за разликата од 693 илјади денари. понудена е друга недвижност за која сеуште постапката е во тек. Со оглед дека се предлага надоместок за експроприрана недвижност на друго државно земјиште предметот е доставен и до Државното правобранителство на РСМ кое укажува да се запазат одредбите од Законот за води кои се однесуваат на земјиште кое не смеело да биде предмет на правниот промет, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на крајбрежниот појас на Охридското Езеро“, нагласува ДЗР.

За изградба на општинските патишта, пречистителни станици и линиски инфраструктурни проекти кои согласно Законот за градење спаѓаат во втора категорија нa градби, не е обезбедено одобрение за градење, градежните активности се изведуваат без изготвен проект и проектна документација, а техничките спецификации/премер пресметки се изработени од страна на надлежните служби.

По овој основ во текот 2024 година исплатени се вкупно 49.431 илјади денари, посочуваат од Државнот завод за ревизија.

Извор: ДЗР

Во однос на реализацијата на програмските активности од областа на културата, според ДЗР, тие се без објавен јавен повик или објава на веб-страната на Општината и без претходно утврдени јасни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. Од друга страна, на спортските клубови и спортски здруженија кои не аплицирале на јавен повик доделени се 37.400 илјади денари, (59%) од вкупните средства на Програмата.

Бојан Шашевски