„Урбани трансформации“ – изложба на Благојче Наумоски – Бане на 22 мај во КИЦ

Најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане, со наслов „Урбани трансформации“ ќе биде изложен на 22 мај со почеток во 19 часот во Салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

„Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација“, вели Наумоски за „Урбани трансформации“.

Уметницата и професорка Гордана Вренцоска, пак, истакнува дека во ова серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми.

„Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов ‘Енергија на светлината’), нѐ враќа до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки“, вели Вренцоска.

Според неа, циклусот „Урбани трансформации“ еклатантно ја потврдува способноста на еден уметник да ги реинтерпретира нештата што го опкружуваат преку единствена и кохерентна уметничка визија.

„Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Напротив, тој го слави и оживува ова урбано културно наследство, давајќи му можност за нова уметничка еволуција и егзистенција“, забележува таа.