Управен суд забрани уривање на гаражата, Карпош најавува судски процес сè до отстранување на објектот

Управниот суд донесе Решение за времена мерка со која и се забранува на Општина Карпош да презема какви било дејствија, сè до правосилно завршување на судската постапка за легализација на објектот гаража на семејството Петковски во Тафталиџе.

Петковски поднесоа тужба во Управниот суд минатиот месец, откако по шест години одлучување Општина Карпош реши да им го одбие барањето за легализација на гаражата. Истиот ден поведе постапка за експропријација на имотот за да го прошири пристапниот пат до парцела каде, како што рекоа Петковски, како еден од сопствениците се појавува и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски.

Од Општина Карпош ќе го почитуваат Решението на Управниот суд за времена мерка.

„Меѓутоа, општината не се откажува од натамошно и конечно судско разрешување на случајот со отстранување на дивоградбата и постапката ќе ја води до крај, во интерес на заштита на законите и законитоста, на јавното добро и на граѓаните на Општина Карпош“, соопштуваат од Карпош.

Од таму велат дека ваквата судска одлука за времена мерка со која се „замрзнува“ отстранување дивоградба на територијата на Карпош, од 2005 година наваму е преседан, но и покрај тоа, локалната самоуправа како локална институција целосно ќе го почитува решението на Судот.

За случајот денеска се јави и полномошникот на ексминистерот Спиро Ристовски. Адвокатското друштво „Интер партер“ Скопје тврди дека нивниот клиент не е сопственик на никаков имот во близина на гаражата на Тафталиџе на семејството Петковски, ниту има било каков друг правен интерес или својство кое би го поврзувало во постапката за нејзино рушење.

„Го повикуваме семејството Петковски да престане со било какви изјави наменети за пренесување преку медиуми, со кои го поврзува господинот Ристовски со предметната гаража и со било кој друг правен статус на истата која е во фаза на оценка пред Општина Карпош“, стои во демант-известувањето од адвокатскиот тим на Ристовски.

Од таму најавуваат правни дејствија и постапки предвидени со Закон доколку „семејството Петковски продолжи како и досега, а медиумите продолжат да вршат еднострано пренесување на невистинити наводи и тврдења кои ќе се однесуваат на Ристовски“.

Инаку и Народниот  правобранител отвори случај за уривањето на гаражата на семејството Петковски, кои поддршка преку протест добија од повеќе сограѓани од Тафталиџе. Жителите на Тафталиџе и претходно излегуваа на протести, за како што велат, зачувување на населбата и целата општина од урбаната мафија.