[Фото] Нов протест вечерва во Тафталиџе

Жители на Тафталиџе вечерва излегоа на протест против ирационалните проекти на локалната власт и оставија отисоци на гаражата која велат дека општината сака да ја урне за да направи поголем пат кон куќата на поранешен министер близок со раководството на локалната власт.

„На неразумните проекти на локалната власт им нема крај! Овој пат се обидуваат да урнат гаража која е во сопственост на наш сосед со цел да изградат поголем пат за поранешен министер близок со раководството на локалната власт“, револтирани се од „Зелено Тафталиџе“, иницијативата што стои зад повеќе протести во овој дел општина Карпош.

Гаражата е на соседот Мартин Петковски, кој вели дека по скопскиот земјотрес на земјиштето е направена чешка монтажна барака со ѕидана гаража, а потоа е откупено и целото дворно место заедно земјиштето под зградата и гаражата. Во последниот период тврди дека се „изложени на неправда и насилнички однос од Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и на општинската администрација кои сакаат по секоја цена и на незаконит начин да срушат дел од имотот за интереси на поранешен јавен функционер“.

 

Од општина Карпош пак за Радио МОФ велат никогаш не би си дозволиле да уриваат легален објект. Потенцираат дека гаражата е поставена на влез на приватен имот и нивна должност е да уриваат „ доколку се работи за див објект“.

Жителите на Тафталиџе и претходно излегуваа на протести, за како што велат, зачувување на населбата Тафталиџе и целата општина од урбаната мафија.