Уписи во средно: По првото пријавување во јуни се запишани 12622, а одбиени 4372 ученици

Денеска (26 јуни) )треба да бидат објавени резултатите од второто пријавување на учениците во средно образование за учебната 2020/2021 година. По првото пријавување, минатата недела, пријавени се вкупно 16 994 ученици од кои:

• 11 665 ученици за настава на македонски наставен јазик,
• 5 012 ученици за настава на албански наставен јазик,
• 310 ученици за настава на турски наставен јазик,
• 4 ученици за настава на српски наставен јазик и
• 3 повторувачи.

По првото пријавување пак вкупно се запишани 12 622 ученици од кои:

• 9 517 ученици за настава на македонски наставен јазик,
• 2 936 ученици за настава на албански наставен јазик,
• 164 ученици за настава на турски наставен јазик,
• 2 ученици за настава на српски наставен јазик и
• 3 повторувачи.

Според видот на образованието, во првото пријавување запишани се вкупно 4 741 ученик во гимназиско образование, а се пополнети сите места во пет скопски гимназии СУГС „Јосип Броз Тито“, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС Гимназија „Никола Карев“, СУГС „Георги Димитров“и СУГС„Орце Николов“, соопшти МОН.

Голем интерес при првото пријавување имаше и за запишување ученици за здравствена струка.  Квалификационото тестирање се организираше во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје (за стручно образование – здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на албански наставен јазик), во СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица (за стручно образование – здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик) и во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп (за стручно образование – здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик).  Училиштата СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје и СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп во кои се реализираше квалификационо тестирање, конечните ранг листи ги објавија на 23 јуни 2020 година, соопштија од МОН.

Протести и полагање – Гужва за смерот медицински сестри во Скопје, Прилеп и Струмица

Слободни места за второто пријавување останаа за вкупно 23 581 ученик. Од нив во гимназиско образование 5 945 слободни места, а во стручно образование има 17 313 слободни места.

Во учебната 2020/2021 година во деветто одделение завршија вкупно 19297 ученици. За целосен опфат на сите ученици со Конкурсот се обезбедени 25 932 слободни места на македонски наставен јазик, 8865 на албански наставен јазик, 1088 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик, односно вкупно 35 919 ученички места во сите јавни средни училишта во Република Северна Македонија.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни. Првото пријавување и запишување на учениците се реализираше во деновите 16, 17, 18 и 19 јуни 2020 година, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места се објавија на 19 јуни 2020 година. Во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и наставни програми за уметничко образование квалификационото тестирање се реализираше на 17 и 18 јуни 2020 година.