Протести и полагање – Гужва за смерот медицински сестри во Скопје, Прилеп и Струмица

Со задоцнување од неколку часа, денеска квалификационите тестови за упис во средно полагаа учениците во  скопското средно медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“.

Оддолжувањето на полагањето беше поради протестот на родителите и учениците, утрово пред влезот на школото, кога наместо полаѓање, со кој се бараше да бидат примени сите ученици кои конкурираа за струката медицински сестри, на албански наставен јазик.

Родителите не сакаат да ги пуштат децата на полагање, туку место испит, со протестот бараат отворање на дополнителна паралелка за да можат да бидат примени сите ученици. Дел од родителите влегоа во училиштето за да разговараат со одговорните, по што и учениците прво се дезинфицираа, а потоа се упатија кон училниците за да решаваат тестови.

На конкурсот пак кој предвидува прием на 102 ученици во три паралелки, се пријавија 164 ученици со просек 5.00.

Квалификациони испити за денеска беа закажани во уште две училишта, каде место има за по една паралека за смерот медицинска сестра, но на македонски наставен јазик. Поради поголем број пријавени ученици со просек 5.00, испит беше најавен и во струмичкото СОУ „Димитар Влахов”, како и во прилепското СОУ „Ѓорче Петров“.

Како што објави „Телма“, во Струмица денеска не се полагаше приемниот испит откако родителите не дозволиле нивните деца да влезат на тестирање. Во Прилеп пак, испит полагале 36 ученици, за 34 места, објави А1он.

Од Министерството за образование најавија дека во текот на денот ќе дадат одговор за тоа како поминале испитите, и дали ќе бидат примени сите ученици.

Квалификационите испити се полагаат во средните училишта, каде има пријавено поголем број ученици, од предвидените места со конкурсот, кои имаат ист број поени.

МОФ: Квалификациското тестирање за упис во средно е проблематично