Универзитетските мензи ќе го укинуваат скоро целото месо од понудата за заштита на климата

Студентите од универзитетите во Берлин од оваа зима ќе ги заменат шницлите и колбасите со растителна храна и житарки откако мензите на кампусите во главниот град на Германија одлучија драстично да ги скратат понудите на месо и риба.

34-те мензи за значителната студентска популација во четирите универзитети во градот од октомври ќе нудат мени кое ќе биде 68% веганско, 28% вегетаријанско и 2% базирано на риба, со само една опција за месо која ќе се нуди четири дена во неделата.

Студентите ќе можат да бираат помеѓу различни оброци во кои ќе бидат вклучени хелда и салати со печени компири, мариниранo цвекло со сусам или пак паста со домат и сирење.

„Направивме нов нутритивен концепт најмногу поради тоа што студентите постојано ни бараа оброци кои се насочени кон заштита на климата во нивните мензи“, објаснува Даниела Кумле, од организацијата „Студиеренденверк“, која обезбедува економска, социјална и здравствена поддршка на студентите запишани во високообразовните установи во Берлин.

Во моментов универзитетските мензи низ германија нудат околу 30 до 50 проценти вегетаријански опции по повеќе години на барање за тоа, проценува Стефан Гроб, портпаролот на организацијата „Дојчес Студентенверк“ која пружа поддршка на студентите.

„Но, во Берлин имате критична маса“, додава тој.

Во 2019 година универзитетите во Берлин хранеле околу 5,6 милиони студенти во нивните мензи. Анкета од истата година покажала дека 13,5% од студентите во градот се опишале себеси како вегани, споредено со 1,6 проценти на ниво на држава.