Универзитетот во Тетово го поништи конкурсот за избор на ректор, ќе распишат нов за да немало надворешни притисоци

Сенатот на Универзитетот во Тетово вчера одлучил да го поништи јавниот оглас за избор на ректор на кој крајниот рок за пријавување на кандидати беше 29 мај, и донесе одлука за објавување нов оглас за избор на ректор за мандатниот период 2023-2026 година.

Од Универзитетот велат дека ваквата одлука ја донеле за да нема надворешни притисоци врз целиот процес.

„Причините поради кои се донесе таква одлука се единствено поради фактот постапката за избор на ректор да се врши без притисоци од јавноста и други трети страни поради кои се нарушува институционалниот интегритет на Универзитетот и се остава простор за заткулисни намери“, велат од Универзитетот во Тетово.

Оттаму додаваат дека иако Сенатот има и уставно и законско и статутарно право на автономија во донесувањето одлуки во однос на изборот на ректорот поради овие причини било одлучено критериумите кои ќе бидат содржани во новиот јавен оглас да бидат единствено оние кои се дословно цитирани во Законот.

Во нивното соопштение наведуваат дека понатамошната постапка за избор на ректор ќе ја спроведува Универзитетската изборна комисија, која е формирана од страна на Сенатот на Универзитетот.