Универзитетот „Кембриџ“ ќе врати над 100 музејски експонати на Нигерија

Универзитетот „Кембриџ“ ќе врати над 100 присвоени експонати на Нигерија, пренесува „Гардијан“.

Експонатите, од кои најбројни се оние од месинг, исто вклучуваат и фигури од слонова коска и дрво, а тие биле присвоени од британските војски за време на опустошувањето на Бенин Сити во 1897 година.

„Комисијата одлучи да врати 116 историски објекти, познати како ‘Бенински бронзи’. Експонатите кои до сега беа изложени во Археолошкиот и антрополошкиот музеј при ‘Кембриџ’ ќе бидат вратени на Националната комисија на музеи и споменици во Нигерија“, изјавила универзитетската портпаролка.

Таа додала дека дел од артефактите ќе останат во Кембриџ на „продолжен заем“ за да се продолжи репрезентацијата за западноафриканската цивилизација и да се продолжи едукацијата на училишните посетителски групи.

При нападот во 1897 година, Британците ја запалиле градската палата во Бенин Сити, Нигерија и го протерале тогашниот крал, односно „оба“.

Илјадници аретфакти, меѓу кои и „Бенинските бронзи“ биле присвоени и подоцна продадени за да се врати трошокот од британската воена мисија.

Експонатите се расеале низ целиот свет и завршиле во музеите низ Велика Британија, Европа и САД, а првите повици за нивно враќање во оригиналните земји се појавиле во втората половина на 20 век.

Одлуката на „Кембриџ“ се случува откако институциите и музеите од светот се најдоа под голем притисок да ги вратат претходно присвоените експонати.

Во јули годинава, Германија врати над 1000 експонати назад во Нигерија. Неколку месеци подоцна, во октомври, министерот за култура на Нигерија, Лаи Мохамед, побара од Британскиот Музеј да го следи примерот на „Смитсонијан“ кој врати над 29 експонати во Нигерија.