УНИЦЕФ: Новиот Закон за правда за деца ветува дополнително унапредување на детските права на правда и заштита

УНИЦЕФ денеска го поздрави новиот Закон за правда за деца донесен на 13 март од Собранието. Со Законот секое дете во ризик, во контакт или судир со законот, велат тие, има рамноправен пристап до фер правосуден систем кога неговите права ќе се прекршат или ќе се одречат.

„Клучните подобрувања воведени со овој закон имаат за цел да го потврдат принципот на најдобар интерес на детето во сите одлуки за децата коишто ќе дојдат во контакт со правосудниот систем. Освен тоа, во Законот се продлабочува пристапот на ресторативна правда, нагласувајќи го правото на детето да биде слушнато, како и пристапот кон рехабилитација и реинтеграција како посакуван исход“, стои во соопштението од УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ, вакциот прогресивен чекор ја одразува посветеноста на земјата кон заштита на правата и благосостојбата на нејзините најмлади граѓани.

„Исто така, со него се воведува промена на парадигмата, при што се посочува дека децата пред сѐ и над сѐ, се деца. Без оглед дали биле изложени на негативни искуства во детството дома или преку интеракција со правосудниот систем, траумата може длабоко да ги засегне нивните мисли, чувства и однесување“, соопштува УНИЦЕФ.

Оттаму додаваат дека законот претставува крупна пресвртница, но и дека ќе бидат потребни дополнителни заложби од институциите и стручните лица за да се обезбеди негова примена во пракса.

Исто така, со цел обезбедување дополнителни информации, како дел од проектот финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ, спроведена е анализа со препораки за да се обезбеди адекватност, ефикасност, ефективност и правичност на државниот буџет за правда за децата.