УНИЦЕФ: Млади на прошетка отворено разговараа за менталното здравје

Млади од Струмица и Валандово денес на младинска пешачка рута разговараа за менталното здравје со претставници од УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика.

„Дестигматизацијата, здружувањето, движењето и зборувањето е начин да се изградат здрави млади луѓе кои ќе бидат двигатели на нашето општество и нашиот систем за социјална заштита. Системот за социјална заштита е оној кој треба да се грижи за благосостојбата, но и оној кој охрабрува, поттикнува и мотивира. Затоа сме тука денес“, изјави министерката Јована Тренчевска.

УНИЦЕФ со поддршка од државата спроведе анкета која покажа дека секој трет адолесцент вклучен во истражувањето пријавил симптоми на депресија, а кај девојчињата постои шестократно поголема веројатност да пријават симптоми на депресија споредено со момчињата.

Дополнително, Околу 42% од адолесцентите доживеале умерени до тешки симптоми на анксиозност. Иако над половина од адолесцентите се изјасниле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, сепак, тие не побарале таква помош.

„Никој не треба да биде оставен сам да се справува со предизвиците околу менталното здравје. Треба да се погрижиме децата и младите да добијат поддршка кога тоа им е потребно“, истакна Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Караванот кој предвидува креативни активности и можности за меѓусебни разговори како и форум за младите да отворат прашања во следниот период ќе продолжи во Пробиштип, Кратово, Штип, Кочани, Тетово, Гостивар, Виница, Блатец, Прилеп, Битола, Куманово, Велес, Кавадарци и Скопје.

Идејата за ваква активност произлезе од консултативниот процес со младите што беше организиран во партнерство со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Сојузот на извидници во партнерство со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика.