УНХЦР: Животите на цивилите во Украина и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени

„Најдлабоко сме загрижени од ситуацијата што брзо се влошува и воената акција што се случува во моментов во Украина. Хуманитарните последици врз цивилното население ќе бидат разорувачки. Не постојат победници во војна, а небројани животи ќе бидат уништени“, соопштуваат од УНХЦР.

Од таму посочуваат дека веќе гледаат известувања за жртви и луѓе кои започнуваат да ги напуштаат своите домови во потрага по безбедност.

„Животите на цивилите и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени и почитувани во секој момент, во склад со меѓународното хуманитарно право. УНХЦР работи со властите, ОН и другите партнери во Украина и подготвен е да обезбеди хуманитарна помош каде и да е потребно и можно. Во таа насока, безбедноста и пристапот за хуманитарни напори мора да бидат гарантирани“, се вели во соопштението.

Од УНХЦР исто така велат дека работат со владите во соседните држави, барајќи од нив да ги задржат границите отворени за луѓето кои бараат безбедност и заштита.

„Подготвени сме да ги поддржиме напорите на сите за да одговориме на секоја ситуација на присилно раселување. Во истата насока, ги зголемивме нашите операции и капацитети во Украина и соседните држави. Остануваме цврсто посветени да ги поддржиме сите засегнати популации во Украина и државите во регионот“, соопштува организацијата.