УНХЦР бара итна поддршка за вонредната хуманитарна состојба во Ерменија

УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, е длабоко загрижена од вонредната хуманитарна состојба во Ерменија, која брзо се развива, со над 88.700 бегалци за помалку од една недела. Бегалците главно пристигнуваат во регионот Сјуник во Јужна Ерменија.

Од Агенцијата велат дека тамошната Влада презела одговорност за обезбедување заштита и помош со поддршка на УНХЦР и други агенции и невладини организации на ОН. УНХЦР ја предводи интерагенциската реакција за бегалците, работејќи со Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН. Се финализира меѓуагенцискиот план за одговор, по што ќе следи заедничка финансиска жалба. Меѓувремено се бараат брзи, среднорочни и долготрајни решенија.

„Тимовите на УНХЦР се на терен и на границата уште од првиот ден кога пристигнаа првите групи бегалци, кои се исцрпени и исплашени за иднината. Тие живеат под блокада во последните девет месеци. Не знаат што ќе биде со домовите од кои побегнале и дали ќе се вратат“, забележува УНХЦР.

Оттаму велат дека бегалците се загрижени што ќе се случува со нив и дали нивните деца ќе имаат пристап до образование. Повеќето пристигнале со многу малку предмети и бараат итна помош, вклучувајќи ќебиња, материјали за постелнина, медицинска и психосоцијална поддршка и засолниште во блиска иднина.

„Владата бегалците ги евидентира преку центрите за регистрација на границата, а во други региони има уште десетина хуманитарни центри. Покрај регистрацијата, овие центри нудат итна психосоцијална поддршка, ужина, игралишта за деца и информации за сместување. Властите обезбедуваат привремено сместување на новодојдените без роднини во Ерменија, вклучително и во хотели, социјални центри и училишта. Меѓутоа, со толку огромен број пристигнувања за кратко време, итно се потребни и дополнителни центри“, посочуваат од УНХЦР.

Во соопштението се додава дека УНХЦР ја поддржува Владата со техничка опрема, вклучително и лаптопи и таблети, за да ја олесни регистрацијата и обезбеди основни средства за помош, како што се кревети и душеци на преклопување за бегалците, додека повеќе основни средства за помош се на пат, кои пристигнуваат овој викенд. УНХЦР, исто така, го зголемува своето присуство на теренот.

„И покрај тоа што Владата прави конзистентни и за пофалба напори за задоволување на рапидно растечките потреби со поддршка на меѓународната заедница, потребна е дополнителна финансиска поддршка. УНХЦР итно ја повикува меѓународната донаторска заедница на солидарност и споделување одговорност за да и се овозможи на Ерменија да одговори на оваа хуманитарна вонредна состојба која се развива“, се вели во соопштението.