[Галерија] „Трчај за бегалците“ – испратени пораки за солидарност на Скопскиот маратон

„Трчај за бегалците“ и „Поддржи ги бегалците“ денеска беа пораките во шише што беа делени на учесниците на Скопскиот маратон. На водната станица на „Трета македонска бригада“ организирана од Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР и Младински образовен форум се вклучија над 50 млади волонтери, но и младите музичари „DD’s“ и „Futility“, со цел да се зголеми јавната свест за бегалците и нивната состојба.

Волонтерите што ги опслужуваа маратонците со вода на себе носеа маички „Run4Refugees“, а сметаат дека е важно да се акцентира потребата да се трча и волонтира за бегалците, особено млади индивидуи да го дадат својот општествен придонес.

„Денеска волонтирам во знак на бегалците затоа што тие се принудени да трчаат секој ден за да го спасат својот живот. Па, денеска ние одлучивме да ги поддржиме со тоа што волонтираме во нивна чест“, вели младата волонтерка Тијана Ристовска за Радио МОФ.

Смета дека иницијативи како „Трчај за бегалците“ се влијателни за да може бегалците да добијат видливост, воедно да се препознаат нивните права.

„После пасивноста која е резултат на пандемијата со КОВИД-19, мислам дека настани од ваков карактер којшто вклучуваат волонтерска работа ќе бидат влијателни за младите да сфатат колку е важна нивната активација и придонес“, потенцира младата Ристовска.

За важноста од волонтирањето посочува и Александар Трпчевски од Извидничко поречанскиог одред „Галеб“, кој веќе трета година учествува на Маратонот.

„Оваа година од нашиот одред се пријавија 55 лица – има деца од 14 години, па и возрасни до 33 години.  Ние од извидниците се јавуваме секаде каде што има потреба од волонтери, каде што постои интерес, бидејќи сме движење кое се труди да придонесе некакво добро во светот“, истакна Трпчевски.

Љубинка Брашнарска од УНХЦР посочува дека иницијативата „Трчај за бегалците“ се организира седма година по ред. Трката го соединува градот, вели таа, па има убава енергија, а токму дел од неа е и солидарноста која потсетува на важните човечки вредности – дека секој води своја борба, но дека е важно да си помагаме и колку што е можно да ја олеснуваме борбата на луѓето околу нас.

Брашнарска се надоврзува дека токму во таа насока, потребно е да се крене свеста за бегалците – луѓе на коишто им е потребна солидарноста бидејќи не по своја волја и вина морале да ги напуштат своите домови и да побегнат од своите држави за да си го спасат животот.

„Мислам дека веќе сме препознатлив дел од Скопскиот маратон, а дефинитивно, солидарноста не згаснува со бегалците. Знаеме дека во 2015 и 2016 во нашата држава минуваше поголем број на бегалци дека тогаш многу иод нашите граѓани се активираа и помагаа, солидарноста беше многу силна, но гледаме дека солидарноста не е згасната ни денес по 7 години. Треба да бидеме свесни како човештво дека се додека има фактори кои ги туркаат и бркаат бегалците од нивните држави, се дотогаш ќе има потреба другите држави да ги примаат бегалците, да ги заштитуваат“, заклучува таа.

Инаку, денеска на традиционалниот „Виз Ер Скопскиот маратон 2022“ учествуваа 8.500 професионални и аматерски натпреварувачи од  47 држави. Маратонот имаше изменета рута која се движеше од центарот на Скопје, до населбата Хром, по што рутата се враќаше назад до централното подрачје преку булеварите „Трета македонска бригада“, „Србија“ и „Јане Сандански“.

И.С. – А.Б. – Б.Ш.