УНЕСКО со препорака Охрид да се стави на Листата на загрозено светско наследство

Природното и културното наследство во Охридскиот регион е во ранлива состојба, бидејќи властите не успеале да ги исполнат приоритетните препораки во зададената двегодишна рамка. Поради ова, УНЕСКО препорачува Охрид да биде ставен на Листата на загрозено светско наследство. Ова се споменува во Извештајот кој треба да биде разгледан на 43 сесија на Комитетот за културно наследство што од 30 јуни до 10 јули ќе се одржи во Баку.

Во него се напоменува дека поголемиот дел од барањата на Комитетот и препораките од 2017 година остануваат неисполнети.

Од УНЕСКО бараат државата да развие, во консултација со нив, збир на корективни мерки кои би го спасиле Охридскиот регион од Листата на загрозено светско наследство. Оттаму жалат што државата не ги информирала редовно за проектите и активностите кои се развиваат во заштитеното подрачје.

„Комитетот во 2017 година забележа бројни закани со кои се соочуваат природните и културните вредности вклучувајќи: намалени нивоа на вода, загадување на водата поради несоодветни системи за третман на отпадните води, тешки притисоци од туризмот и екстензивно неконтролиран урбан развој и несоодветна експлоатација на крајбрежните зони. Ова резултира со повисока потрошувачка на вода, зголемено загадување, фрагментација на живеалиштата и нивно уништување, како и големо негативно влијание врз визуелниот квалитет на заштитеното подрачје“, се вели во извештајот на УНЕСКО.

Од Владата, пак, тврдат дека пристапуваат со внимание и сериозност кон состојбите со кои се соочува Охридскиот регион веќе години наназад. Сметаат дека има поместување во исполнување на препораките.

„Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и националниот парк беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг мисија во април 2017 година. Од почетокот на својот мандат, Владата активно се посвети на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и граѓанскиот сектор“, се вели во владиното соопштение.

Во документот, УНЕСКО ги повтори своите барања до државата – воспоставување мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се финализирани и усвоени, но и додека не се утврдат ефективни заштитни прописи и механизми за контрола. Потоа, да се ​​обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење, како и да ги спроведат сите други претходни барања на Комитетот од 2017 година. Покрај ова, УНЕСКО бара од државата да достави до 1-ви февруари 2020, ажуриран извештај за состојбата со конзервацијата, кој ќе биде разгледан од  Комитетот на наредната сесија во 2020 година.

Охрид – балканскиот бисер потонат во долгови и незаштитен од државата

Тие го поздравуваат запирањето на изградбата на автопатот од Пештани до Охрид и Скијачкиот центар Галичица, но не веруваат дека тоа е доволно за да се намали ранливоста на подрачјето.

Од УНЕСКО забележуваат и дека нема казни за непочитување на одредбите.

„Подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро, кои може да се решат само со поголеми промени во управувањето, планирањето, конзервацијата и спроведувањето на процесите“, стои во Извештајот.

Во него, УНЕСКО предупредува и за негативните влијанија кои може да произлезат од планираната рута за железничка пруга со Албанија врз како што велат, „еден од ретко непроменетите делови од Охридското Eзеро“.

Покрај тоа, УНЕСКО изразува загриженост од намерата на државата да продолжи со оригиналниот пат на железничкиот коридор 8 и покрај барањето на Комитетот да се разгледаат алтернативни правци. Покрај ова, во Извештајот се споменува и автопатот од Требеништа до Струга, барајќи од државата итно да најде друго решение за овој проект.

Е.П.