УНДП: Богатите „заборавија“ да ја финансираат зелената транзиција на сиромашните

Вистинска „фарса“ е тоа што развиените земји не го исполнија ветувањето дека за 10 години ќе издвојат 100 милијарди долари годишно за зелената транзиција на земјите во развој, изјави претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Ахим Штајнер, пренесува Ал Џазира Балканс.

Богатите земји се најодговорни за глобалното затоплување, а тие сè уште не го исполниле ветувањето од 2009 година дека ќе им обезбедат на земјите во развој 100 милијарди долари годишно за да им помогнат да се справат со последиците од зголемените температури на Земјата.

„Ќе бидам целосно искрен – тоа е фарса“, рече Штајнер на маргините на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на групата Г20 на водечки развиени и економии во развој во Индија.

„Мислам дека многу земји треба да се запрашаат дали можеби е една од најтрагичните грешки во историјата што 10 години по тоа ветување, најавата за помош од 100 милијарди долари сè уште не е преточена на дело“, нагласи претставникот на УНДП.

Тој предупреди дека членките на Г20 мора да донесат одлука за реструктуирање на долгот на сиромашните.

„Мораме да ја разгледаме можноста за отпишување на дел од долгот, негово репрограмирање и реструктуирање“, рече Штајнер, нагласувајќи дека 52 земји во развој веќе имаат огромни проблеми со отплата на долгот или наскоро би можеле да останат без пари.

Отписот на 30 отсто од надворешниот долг на овие земји од 2021 година може да им заштеди 148 милијарди долари за осум години, нагласува УНДП во извештајот објавен претходно оваа недела.