„Undone“ го објави албумот „Through The Bars Of Time“

Со собир во „Ла Кања“ вчера беше одбележан новиот албум „Through The Bars Of Time“ на колективот „Undone“, објавен точно една година по смртта на музичарот и мултимедијален артист Филип Митров.

„Овој албум се роди кога нашиот другар Филип Митров, кој беше дел од ‘Undone’ уште од првиот ден, го напушти овој свет на 12 февруари 2023 година на трагичен, херојски начин. Песна за Филип (Song for Filip) се појави меѓу солзите, а со неа и повик повторно да свириме заедно. На овој албум осум песни, две се директно за Филип, за потоа да следат и пет рецитирани поеми“, стои како инфо на изданието на Бендкемп.

За албумот повторно се собра претпознатливата екипа на „Undone“: Ронит Бергман е задолжена за вокалниот сегмент, текстовите и ритмичкиот гитарски дел, Дарко Тасевски свири гитара и армоника, Андреј Анастасов – Даскаловски на тапани, Мустава Мусо Јанузовски на бас, додека Јорам Гур со својата гитара е специјален гостин на две песни.

Продукцијата и миксот е на Дарко Јаневски и Ронит Бергман, а мастерингот е правен од Џејсон Шо во „Fuzzface Studio“.

Видеото за темата „Song for Filip“ го направи Андреј Марјановиќ.