Украинска електронска сцена: Да се откаже соработката со руски уметници и клубови што ја поддржуваат инвазијата

„Заканите на Владимир Путин за употреба на нуклеарно оружје не можат да остават никого рамнодушен, без разлика на националноста или земјата на живеење. Ние, претставниците на музичката заедница, ги гледаме постапките на руските промотери, диџеи и уметници, кои продолжуваат да одржуваат настани и да настапуваат, додека војската на нивната земја ги бомбардира нашите градови. Ние, исто така, набљудуваме како нашите руски колеги, вклучително и оние со најголем статус и најголеми платформи на меѓународно ниво, изразуваат недоволна загриженост и се преправаат дека не ја забележуваат ситуацијата“.

Вака гласи дел од отвореното писмо на здружената украинска електронска сцена, кои бараат глобалната заедница „да се бори против руската агресија“.

Објавено вчера, 5 март, писмото е веќе потпишано од десетици клубови, промотори и уметници, меѓу кои и Closer, ∄, PORT, Дарија Колосова, Rhythm Büro, Схема и Strichka Festival.

„Да се откаже секаква соработка со руски уметници, промотори, клубови, организации, кои не се спротивставуваат активно на дејностите на нивната влада и не преземаат експлицитно акција за да се запре руската воена инвазија врз Украина“, се вели во писмото.

Тие бараат секој граѓанин на Русија да излезе на улиците за да протестира против војната во Украина, или тивко да се спротистави со бојкот на неговата/нејзина работа.

Во писмото стои дека на 24 февруари Русија започна инвазија на Украина. Од тогаш, велат од здружената сцена, Русија уништува градови, повеќе од 2.000 украински цивили биле убиени во првата недела од војната, а Меѓународниот суд во Хаг започна истрага за воените злосторства на Руската Федерација.

„Искрено сме благодарни на вооружените сили на Украина и на секој војник, секој волонтер, секој активист, секој човек кој помага да се одбрани нашиот дом и се бори за да можеме да живееме во слобода и мир“, се вели во писмото.