УЈП бара студентите да платат данок на заработката од Work & Travel

Студентите од Македонија кои работеле сезонска работа во Германија деновиве се изреволтирани поради непланирани даночни обврски откако добиле известувања од Управа за јавни приходи (УЈП) да поднесат електронска пресметка за данок на личен доход (Е-ПДД) и да ги пријават приходите остварени во странство.

Иако станува збор за законска обврска која според институциите, постои со години, ситуацијата со денови е главна дискусија меѓу студентите поради различните информации што ги добиваат од институциите и поради неодржувањето на оваа пракса во претходни години.

Студенти кои се обратиле до студентската платформа Студентарија.мк посочиле дека добивале различни информации од УЈП за тоа што треба да платат. Откако првично им било кажано дека треба да платат данок на повратот на данок кој им е вратен од Германија, вчера од УЈП за Мета изјавија дека се плаќа данок на вкупниот доход што го заработиле студентите.

„Во една подрачна единица на Управата, на студентите им велат дека не должат ништо. Во друга, им кажуваат дека треба да платат данок само на повратениот данок. Официјалниот став на одржавната УЈП пак сурово пресекува: се оданочува целата заработка во Германија“, објави Студентарија на инстаграм.

Од УЈП објаснуваат дека не станува збор за нова обврска, туку за примена на постојните закони.

Оттаму посочуваат дека платата која студентите ја оствариле во Германија се смета за оданочлив доход во Македонија. Притоа, предмет на оданочување е вкупниот доход, односно бруто износот на заработката, што ја вклучува нето платата и данокот кој првично бил задржан во Германија, а подоцна евентуално им бил вратен на студентите.

„Соодветно, доходот кој студентите-македонски даночни резиденти, го имаат остварено од времена/сезонска работа во Германија (плата остварена од странство), претставува доход кој подлежи на оданочување во Македонија. На оданочување подлежи вкупниот доход, односно бруто платата остварена со работа во Германија што претставува остварената нето плата и данокот кој првично бил платен во Германија (задржан од страна на исплатувачот), а потоа вратен на студентот од страна на даночната администрација на Германија“ велат од УЈП за Мета.мк

Договор за одбегнување на двојно оданочување меѓу Северна Македонија и Германија предвидува правила за тоа каде се оданочува доходот.

Според УЈП, доколку студентите престојувале во Германија помалку од 183 дена (или половина година) во текот на една година, доходот од работа се оданочува во Македонија. Во тие случаи, според нив, токму затоа германските власти вршат поврат на претходно задржаниот данок.

Откако студентите ќе го добијат повратот од Германија, данокот се смета за неплатен во Македонија.

Доколку престојот бил подолг од 183 дена, тогаш доходот се оданочува во Германија. Во таков случај, веќе платениот данок во Германија може да се признае како даночен кредит доколку се достави соодветна документација. Но, важно е да се напомене дека сите студенти кои патуваат преку програмата за Work&Travel престојуваат и работат во други држави помалку од 183 дена.

„Имајќи во предвид дека работата која студентите ја извршувале во Германија е од времен или сезонски карактер, доколку студентите престојувале во Германија во период кој не надминува 183 дена во период од дванаесет месеци, кој период започнува или завршува во односната фискална година, доходот кој студентите го имаат остварено од работа во Германија треба да го пријават во УЈП и да платат данок на личен доход. Токму гороенаведеното е причина поради која даночната администрација на Германија врши враќање на данокот платен во Германија на студентите“, објаснуваат од УЈП за Мета.мк. 

Според Управата, студентите треба да го пријават доходот преку системот за е-даночни услуги на УЈП со поднесување електронска пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за приходот остварен во претходниот месец.

„Во пресметката износот на платата од странство се искажува како Вид на доход Т1. Доход од работа и Подвид на доход Ѕ1.2. – Плати остварени во странство, при што како држава во која е резидент исплатувачот се избира СР Германија. Задолжително кон пресметката се приложува доказ за остварениот доход од странство, како на пример пресметка-исплатно ливче од работодавачот/исплатувачот на платата во Германија. Во случај кога данокот е платен во Германија (кога не е направен проврат на данокот платен во Германија), покрај пресметката од работодавачот, задолжително се доставува и доказ за платениот данок издаден од даночната администрација на Германија,“ објаснуваат од УЈП.

Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“, која посредува за студентски работни програми во странство, смета дека има недоследности во пренесувањето и известувањето за овој проблем. Според Кочовски, на студентите им е побарано да платат данок на вратениот износ за платен данок во Германија.

„Ако барате поврат на данок а ние веќе претендираме како држава да бидеме членка на ЕУ, вие бирате каде ќе го платите данокот, во државата каде што сте работеле или во сопствената држава“, изјави тој за Мета.мк

Кочовски дополнува дека во пракса, приходите најчесто остануваат на сметки во странство, а не се директно видливи за домашните институции освен ако самите граѓани не ги пријават.

„Вие сте го оствариле приходот во Германија, ако германската фирма ви ги пратила парите во Македонија што не е случај затоа што студентите заработуваат на сметка во Германија, УЈП таа сметка ја нема освен ако вие не направите даночна пријава кога ќе се вратите во Македонија и речете заработив 10.000 евра, ги донесов во Македонија и пријавувам дека ќе платам данок на 10000 евра. Тогаш ќе платите данок од 11 отсто“, изјави тој.

По реакциите од засегнатите студенти, следеа реакции и од повеќе студентски организации, меѓу кои Универзитетско студентско собрание при УКИМУниверзитетско студентско собрание при УКЛО и Универзитетско студентско собрание АУЕ-ФОН, кои изразија поддршка и побараа институционални појаснувања.

Од Универзитетско студентско собрание на УКИМ, решија да не коментираат пред да се одржи утрешната средба со претставници на Управата за јавни приходи. 

Целата сторија е достапна на Мета.мк