УЈИЕ по обвинувањата за сексуални уцени врз студентите: Конкретни мерки само ако постојат потврдени и сериозни докази

Раководството на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово вчера одржа пресконференција во врска со објавените резултати од анкетата на Феминистичкиот клуб на Универзитетот во која 15 студенти изјавиле дека професори од двата тетовски универзитети им барале сексуални услуги за оценки.

Според Ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети, веќе го разгледале извештајот од резултатите од анкетата и утврдиле дека се работи за еден случај на вработен со полно работно време од академскиот кадар и 3 случаи од кадарот со скратено работно време.

„Ние сме тука пред вас да ги разјасниме асиметричните информации и дезинформациите и да бидеме целосно транспарентни за јавноста и за студентите. Имаме обврска да ги поддржуваме студентите во нивната слобода на критичко размислување, но секогаш почитувајќи го достоинството на професорот, како генерална номинација и барајќи релевантни докази за посебни случаи, би рекол, случајот на УЈИЕ и според оваа анкета случајот е изолиран и инцидентен. Во согласност со важечките прописи и процедури, Универзитетот на Југоисточна Европа ќе иницира истраги за презентираните случаи, но ќе се преземат конкретни мерки само ако постојат потврдени и сериозни докази. Ние ги мотивираме студентите за различни студиски активности, но тие треба да бидат внимателни во методологијата за истражување“, истакна ректорот Беџети.

Претседателот на Одборот на Универзитетот, Денис Фарингтон, посочува дека случаите на сексуално вознемирување не се само локализирани во Северна Македонија и дека вакви случаи се пријавуваат и во Велика Британија, во САД, во ЕУ или насекаде во светот.

„Бидете сигурни дека ние како универзитет нема да толерираме ниту еден случај и дека имаме многу ефикасни процедури за да разјасниме сè“, вели Фарингтон.

Проректорката за истражувања и за меѓународна соработка, Беса Арифи, објасни дека УЈИЕ и Феминистичкиот клуб се свесни за недостатоците на истражувањето, но дека со сериозност ги ќе ги третираат случаите што произлегуваат од резултатите добиени од анкетата.

Според истражувањето на Феминистичкиот клуб и Студентскиот парламент при УЈИЕ, 15 од 334 анкетирани студенти изјавиле дека им биле побарани сексуални услуги од професори на двата универзитети во Тетово во замена за оценки. Според нив, сексуалните услуги најчесто биле барани од студентките.