Студенти обвинуваат дека професори од тетовските универзитети барале секс за оценки

15 од 334 анкетирани студенти изјавиле дека им биле побарани сексуални услуги од професори на двата универзитети во Тетово во замена за оценки, покажало истражување на Феминистичкиот клуб и Студентскиот парламент при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Истражувањето, во рамки на проектот „Родова дискриминација во средното и високото образование“, утврдило дека сексуалните услуги најчесто биле барани од студентките. Рита Бехадини, од Феминистичкиот клуб, посочува дека им се познати имињата на професорите обвинети за оваа злоупотреба.

„Со оглед дека студентите ги кажале и имињата на професорите, може да се каже дека меѓу нив има и луѓе на високи позиции во државните институции. Ние ќе ги доставиме информациите до управите на Универзитетите и до надлежните институции кои треба да ги процесуираат случаите“, објаснува Бехадини за Телевизија Телма.

Од Универзитетот на Југоисточна Европа соопштија дека се подготвени да го испитаат секој случај, но истовремено посочуваат дека првично треба да се потврди и веродостојноста на методите и резултатите од истражувањето.

„Универзитетот на Југоисточна Европа ги поттикнува студентите да го пријават секој случај што е поврзан со секаков вид на злоупотреба на Универзитетот. Поради оваа причина, секое такво пријавување ќе се разгледува со најголема сериозност, но ова треба да се направи со потврда на фактите и со соодветно почитување на достоинството и приватноста на сите вклучени страни. Универзитетот во рамките на своите правила и политики предвидува голем број на правни и административни механизми за заштита од дискриминација и од разни злоупотреби кои можат да се спроведат во секое време. Универзитетот досега не добил никакви поплаки за такво прекршување за било професор“, велат од УЈИЕ.