Училишна директорка во Флорида си даде оставка – родители се побунија дека скулптура е порнографија

Училишна директорка од Флорида си поднесе оставка откако родителите оквалификуваа лекција по ренесансна уметност, конкретно за „Давид“ од Микеланџело Буонароти, за порнографија, пренесува „Гардијан“.

Хоуп Караскила поднела оставка од позицијата директорка во училиште во Талахаси, откако управниот одбор на кампусот побарал од неа да поднесе оставка или да биде отпуштена поради родителска жалба.

Родителите на учениците од шесто одделение се пожалиле бидејќи на час им била покажана скулптурата „Давид“ од Микеланџело, едно од најпознатите дела на ренесансната уметност, од шеснаесеттиот век.

Локалните медиуми пренесуваат дека родителите ја нарекле фотографијата од скулптурата на Микеланџело – „порнографија“.

Караскила изјавила дека според училиштниот протокол, наставниците ги известуваат родителите кога преку училишната програма на учениците им се покажува потенцијално контроверзна класична уметност.

Сепак, додала таа, поради пропуст во комуникацијата, овојпат родителите не биле известени за лекцијата.

Еден од родителите во жалбата посочил дека „децата не треба да ги гледаат тие дела и дека се вознемирил“.

„Вашингтон пост“ објави дека лекцијата вклучувала и слики од фреската „Создавањето на Адам“ од Микеланџело и „Раѓањето на Венера“ од Ботичели.