Деветгодишно девојче доби признание од „Јејл“ откако за својата еко-активност беше пријавена во полиција

Откако деветгодишната афроамериканка Боби Вилсон требало да се справува со полиција, викната од нејзините соседи поради „сомнителна акција“ – прскање против инвазивни инсекти во својот двор, таа доби научно признание од „Јејл“ – еден од најпрестижните американски универзитети, пренесува „Гардијан“.

Катедрата за јавно здравје при „Јејл“ претходно месецов одржа церемонија на која ѝ даде признание на Боби Вилсон за обидот да ја спаси природата во Калдвел, Њу Џерси, од инвазивни инсекти.

Инсектите кои Боби ги собрала биле изложени во универзитетскиот природонаучен музеј, па таа сега е именувана како научничка која ја донирала својата збирка.

Професорка од катедрата за јавно здравје при Јејл, Иџеома Опара, изјавила дека церемонијата која ја организирала е во чест на Боби, поради „нејзината храброст и инспиративност“.

„’Јејл’ обично не организира вакви церемонии. Ова е посебна пригода за Боби“, додала професорката.

Боби, која е афроамериканка, ја отворила националната дискусија за расистичкото профилирање од страна на полицијата, кое во некои случаи може да чини и живот.

На 22 октомври, сосед на Боби ја повикал полицијата велејќи дека „мала црна жена оди по тротоар и прска со спреј по тротоарот и дрвјата“.

„Не знам што по ѓаволите прави таа. Но, ме плаши“, гласела пријавата.

Боби во тој момент прскала против инвазивни инсекти, за кои научниците апелираат да се умртват со цел да се спаси природата.