Учениците во Тетово утре сепак се враќаат на настава

Образовниот процес во Тетово кој денеска беше во прекин поради загадувањето на воздухот предизвикано од пожарот во магацин во градот утре ќе продолжи нормално, соопшти Општина Тетово.

Од општината претходно соопштија дека учениците два дена ќе немаат настава поради загадениот воздух.

„Оваа одлука доаѓа по направените анализи и резултати кои се добиени од станицата за мерење на квалитетот на воздухот и врз основа на ова е констатирано дека нема ризик за учениците и граѓаните. Така, образовниот процес во основните и средните училишта во градот, како и во јавната установа ‘Градинки Младост’ се враќа во нормала“, соопштија од Општина Тетово.

Дополнително, тие ги замолија сите вработени во образовните институции утре да продолжат нормално со образовниот процес, додавајќи дека доаѓа крајот од учебната година.

Утрово голем пожар избувна кај поранешната фабрика „Македонија табак“ која се наоѓа на излезот од градот. Според последните податоци, едно лице е полесно повредено, додека три лица се задушиле.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) посочија дека мерната станица за квалитет на воздухот во Тетово е во функција, како и дека податоците се достапни на апликацијата „AirCare“.

„Податоците не се видливи на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање заради проблеми со серверот. Податоците од оваа мерна станица се достапни на мобилната апликација AirCare“, соопштија од МЖСПП.

Оттаму велат дека моментално не се достапни само податоците за концентрацијата на јаглероден моноксид бидејќи во мерната станица имало прекин на струјата и додаваат дека е потребно одредено време да се поткрене системот.