Учениците од тетовската гимназија утре се враќаат на настава

Тетовските средношколци од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ” што следат настава на македонски јазик утре ќе се вратат на училиште, откако два дена ја бојкотираа наставата поради немање на безбедносни и соодветни просторни услови за учење.

Како што јави Нова ТВ, договорот учениците да го прекинат бојкотот на наставата бил направен вчера помеѓу Советот на родители,  раководството на гимназијата и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Притоа биле понудени се привремени решенија за следење настава како тоа дел од учениците да учат во основното училиште „Гоце Делчев“, а останатите настава да следат во Работничкиот Универзитет. Се уште се бара трајно решение за продолжување на наставата за овие ученици.

Ова е резултатот од дводневниот бојкот на наставата во бараката во дворот на гимназијата за каде учениците и нивните родители велат дека е небезбедно. Бојкотот на наставата дојде по инцидентот во петокот попладне кога ученик во трета година во гимназијата беше повредено во тепачката во дворот на објектот каде што се следи само настава на македонски јазик. Во тепачката уште три малолетни лица поминале со полесни телесни повреди. Момчето се здобило со три убодни рани – во грбот, вратот и десната страна од телото и е надвор од животна опасност. Полицијата за неколку часа го пронајде напаѓачот. Се работи за 15 годишен малолетник, против кого е поднесена кривична пријава за обид за убиство.