Ученици од тетовската гимназија ја бојкотираат наставата

Учениците кои посетуваат настава на македонски јазик во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ денеска ја бојкотираат настава, во знак на протест поради нападот врз нивниот соученик, кој во петокот беше прободен со нож од страна на друг тинејџер кој дошол во школскиот двор.

Учениците утринава се собрале во дворот на училиштето и во присуство на повеќе родители, одржале краток протест, барајќи да се зголеми безбедноста и да се воведе безбедносен режим во наставата. По ова, учениците најавиле дека и во следните денови нема да посетуваат настава.

Во петокот попладне, 17-годишно момче – ученик во трета година во гимназијата е повредено во тепачката во дворот на објектот каде што се следи само настава на македонски јазик. Во тепачката уште три малолетни лица поминале со полесни телесни повреди. Според информациите, момчето се здобило со три убодни рани – во грбот, вратот и десната страна од телото. Укажана му е лекарска помош во тетовската клиничка болница, но е префрлено на скопските клиники и се наоѓа надвор од животна опасност.