„Убиство не е природна селекција“ – граѓани маршираа против нехуман третман врз бездомните животни

Стационарите да бидат под раководство на активисти и да се спроведуваат инспекциски надзори со високи казни за нерегистрирани и напуштени миленици, се меѓу неколкуте барања на Здруженијата за заштита на животни, кои денес со протестен марш алармираа за нехуманиот третман врз бездомните животни.

На протестот со рута Собрание – Влада – Град Скопје се придружија повеќе граѓани и љубители на животни. Дел дојдоа и со своите миленици, на точак или пешки.

Улиците ечеа од извици и свирчиња. Се говореше од мегафон, а голем број демонтранти држеа и пароли: „Во Дрисла ја закопавте вашата совест“, „Убиство не е природна селекција“, „Правда за животните“, „Казни за напуштени миленици“, „Дајте го Вардариште“…

„Сакаме хумана Македонија, нудиме хумани решенија. Слушнете не’!“ викаше девојка на мегафон, проследена со аплауз и извикувања.

Пред Владата се обрати и активистката Драгана Велковска, која посочи дека предлозите кои ги нудат ќе го решат проблемот трајно, за само неколку години, за разлика од институциите кои „не го решија повеќе од една деценија“.

„Доста ни е од безидејност. Го бараме стационарот на управување. Ги бараме стационарите од цела земја. Секоја општина има по едно ‘Вардариште’“. Неколку пати ги повикав овде луѓето кои не сакаат животни по улиците. И ние не сакаме. Сакаме да имаат дом. Не сакаме животните да бидат малтретирани по улиците, да бидат тепани, измачувани и труени, а за тоа никој да не одговара. Бараме спроведување на законите. Бараме строг инспекциски надзор. Вистински луѓе на вистински места“, рече активистката.

Според активистите, постои институционална кратогледост и осуда за „Залови-стерилизирај-врати“, програма која, велат тие, никогаш не била спроведена квалитетно и во целост.

Затоа, сметаат е доста со „третирање на симптомите“, туку посериозен пристап.

Меѓу другото, Здруженијата нагласија дека е потребен и Прaвилник и Регистар на одледувачници кои ќе плаќаат уредно данок, со што ќе се спречи да работат на црно и да се зголемува притоа бројот на бездомни животни низ градот.

Исто така, контрола со бездомните животни би се зголемила доколку и Советите усвојат одлуки за одданочување на сопственици со репродуктивно способни миленици, но и одлука за субвенциии за оние што сакаат да го кастрираат миленикот.

Притоа, Министерството за образование и наука, во соработка со АХВ, Градот, сите општини и останатите институции конечно да се пуштат во акција. Да спроведат масовна едукација во двете, како што ги велат, задолжителни нивоа на образование – одговорно сопствеништво и вдомување наспроти купување миленик.

Засега Здруженијата и нивните поддржувачи остануваат будни. Оставаат можност за нови протести доколку работите со бездомните животни не почнат да се менуваат.

Бојан Шашевски
Фото: Социјални мрежи