Турција нема да ги спречува бегалците да стигнат до Европа

Турција веќе нема да ги спречува сириските бегалци да стигнат до Европа, објави „Ројтерс“, а пренесува „Франс 24“.

Овој потег доаѓа откако беа убиени 33 турски војници во воздушен напад на сириските владини сили во северозападниот регион Идлиб.

„Решивме веднаш, ефикасно, да не ги спречиме сириските бегалци да стигнуваат до Европа по копно или море“, рече официјалниот претставник, кој побарал анонимност.

„Сите бегалци, вклучително и Сиријците, сега се добредојдени да преминат во Европската унија“.

Заканата за отворање на патот за бегалците во Европа, доколку биде извршена, ќе го поништи ветувањето што Турција го даде на Европската унија во 2016 година.

Товарот за прием на бегалци „е преголем за секоја земја да го сноси“, рече официјалниот турски претставник.

Турција е домаќин на околу 3,7 милиони сириски бегалци и повтори дека не може да се справи со нив повеќе. Според договорот од 2016 година, Европската унија обезбеди милијарди евра помош како замена за турските власти да го спречат приливот на мигранти во Европа.

Според турската новинска агенција „Анадолу“, Турција испрати илјадници војници во Сирија, а претседателот Реџеп Таип Ердоган предупреди дека ќе започнат со целосна офанзива за да ги одвратат сириските сили, освен ако не се повлечат од турските позиции во регионот.

Околу еден милион цивили се раселени во близина на турската граница од декември, кога сириските владини сили поддржани од Русија зазедоа територија од сириските бунтовници поддржани од Турција, што претставуваше најтешка хуманитарна криза во деветгодишната војна.

Обединетите нации соопштија дека последните борби имале„катастрофални“ хуманитарни последици, при што најмалку 134 цивили, вклучувајќи 44 деца, се убиени во февруари, а училиштата и болниците се уништени.

Седум деца беа меѓу 11-те лица убиени кога воздушниот напад удри во училиште во северен Идлиб во вторникот, според Обединетите нации.