Турција го смени официјалното име за да не ги мешаат со англискиот збор за мисирка

Турција официјално го смени своето име од „Turkey“  во „Türkiye“ со цел да се подобри брендот на земјата но и да се стави крај на конфузијата со популарната птица која се јаде во САД.

Од Обединетите Нации вчера потврдија дека е регистрирана промената во името на земјата и дека оваа промена веќе е стапена на сила. Со тоа „Türkiye” ќе се користи како име на земјата на сите странски јазици, а целосното официјално име ќе биде „Republic of Türkiye”.

Турските власти го промовираат новото име од почетокот на годинава. Државните медиуми го користат зборот „Türkiye” веќе неколку месеци, а ваквото име на државата се користи и на летовите на „Туркиш Ерлајнс“ и други промотивни туристички видеа.

„Процесот кој го започнавме под лидерство на нашиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, со цел да ја зголемиме вредноста на државниот бренд конечно завршува“, напиша на Твитер министерот за надворешни работи, Мевлут Чавашоглу.

Името „Turkey“ се користи со векови од странците за да се дефинира територијата на Отоманската Империја и државата која произлезе од тоа царство – Република Турција.

Овој термин првично се употребил во 14 век, кога латинскиот термин „Turchia/Turquia“ означувал „земја на Турците“.

Со текот на времето латинското име се трансформирало во „Türkiye“ на турски јазик и „Turkey“ на англиски и германски.

Сепак името на државата се совпаѓа со името за мисирка на англиски јазик, птица која има голем број одредници во американската култура. На пример, секоја година претставува традиција американскиот претседател да помилува една мисирка по повод Денот на благодарноста. На овој национален празник во САД, на американските трпези често се пече месо од мисирка за семејниот ручек.

Птицата била наречена „Turkey“ бидејќи била воведена на европските пазари од трговец од Константинопол, денешен Истанбул. Конфузијата понекогаш доведуваше до исмевање на Турција како држава.