92 мигранти пронајдени голи на грчко-турската граница, државите ја префрлаат одговорноста

Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации соопшти дека се потресени од откритието на речиси 100 голи мажи на границата помеѓу Грција и Турција.

Грчката полиција извести дека спасиле 92 лица во петокот во близина на нивната северна граница со Турција. Лицата биле откриени голи, а некои од нив имале и повреди. Според нивната истрага и претставници на граничната служба на ЕУ – Фронтекс, нашле докази дека мигрантите ја преминале реката Еврос кон грчка територија со гумен чамец од Турција. Од полицијата додале и дека на луѓето веднаш им била дадена облека, храна и прва помош.

Засега не е познато како луѓето останале без облеката.

Двете соседни држави се обвинија меѓусебно за третманот на 92-та мигранти.

Грција ја обвини Турција, посочувајќи дека ваквиот однос е „срам за цивилизацијата“. Турција, во меѓувреме, ги нарече овие обвинувања „лажни вести“ и ги обвини грчките власти за „сурово однесување“.

Агенцијата на ОН повика на истрага и додаде дека се „длабоко потресени од шокантните извештаи и фотографии“.

Од Фронтекс соопштија дека мажите биле претежно од Авганистан и Сирија, а службеникот за човекови права на организацијата добил информации за потенцијални прекршувања на нивните права.

Грција се наоѓаше на фронтот на европската бегалска криза во 2015 и 2016 година, кога околу милион бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан бегајќи од војни пристигаа во земјата, најчесто преку Турција. Оттогаш бројот на пристигнати бегалци и мигранти е драстично намален, но грчките власти тврдат дека во последниот период забележале зголемен број обиди за влез во нивните острови преку Турција.