Тројца професори од штипскиот универзитет го почнаа штрајкот со глад

Обезбедувањето по наредба на Ректорската управа ги избркала тројцата професори Крсте ШајноскиМаргарита Матлиеска и Александар Костадиновски од просториите на Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ откако денеска во 16 и 30 часот го почнаа штрајкот со глад, бидејќи како што тврдат, незаконски се избркани од работа, објави Фокус.

Штип

„Од просториите на факултетот не избрка обезбедувањето на Ректорот. Од просториите насилно не исфрлија шесторица на чело со шефот на обезбедувањето. Не изнесоа на раце. Сега седиме на скалите пред факултетот и чекаме од синдикатот да ни обезбедат просторија каде да го продолжиме штрајкот“, тврди за Фокус професорот Крсте Шајноски.

Професорите тврдат дека незаконски се избркани од работа и бараат од Ректорската управа веднаш да постапи соогласно законските прописи и да го прифати предлогот содржан во рефератите на рецензионите комисии, како и разрешување на деканот на факултетот Ристо Фотов поради нарушување на законитоста. До медиумите денеска го пратија следното соопштение:

„Ве известуваме дека денеска од 16 и 30 часот и официјално го почнавме најавениот штрајк со глад кој ќе го реализираме во просториите на Економскиот факултет во Штип, а кој ќе траа се до исполнувањето на нашите барања.

Нашите барања се :

1. Бараме Ректорската управа веднаш да постапат согласно законските прописи и да се прифати предлогот содржан во рефератите на рецензионите комисии.

2. Бараме разрешување на деканот Ристо Фотов поради незаконско постапување при работењето на факултетот за што Државниот просветен инспекторат веќе неколку пати констатира повреди во законитоста при неговото менаџирање на факултетот .

Не смееме да дозволиме самоволието на деканот на Економскиот факултет во Штип, Ристо Фотов негативно да се одрази не само врз нашите кариери, животни судби, туку и врз квалитетот на самата институција Економски факултет, Универзитетoт Гоце Делчев и врз високото образование во Република Македонија.

Доколку овој волунтаристички потег на деканот, со кој се кршат повеќе законски акти и етички норми помине не санкциониран, во иднина, ние тројцата професори ги губиме своите работни места, а колегите кои ќе останат и понатаму да работат на факултетот, постојано ќе бидат исправени пред предизвикот дали и покрај покажаниот квалитет за што единствено мерило е оценката на рецензентската комисија, ќе се соочат со обидот да бидат одстранети од своите работни места“ се вели во соопштението на тројцата професори на економскиот факултет при УГД Штип“, се наведува во соопштението.