Трибина на тема „Детска книжевна дискусија“ во КИЦ

Во Културно информативниот центар – Скопје (КИЦ) ќе се одржи трибина на тема „Детска книжевна продукција“. На трибината ќе говорат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, Ника Гавровска, авторка и уредничка во издавачка куќа „Гаврош“ и Бистра Георгиева, авторка.

„Проектот е замислен како тематско продолжение на панел-дикусијата „Книжевната сцена во современиот културен контекст“ со фокус на литературата за деца, акцентирање на важноста од едукативната компонента, педагошката функција на литературата и уметноста, развивање на креативноста кај децата и поттикнување на љубопитството преку читање во правец на развивање на критичко, иновативно размислување, како и следењето на современите светски текови на детската продукција во рамки на литературата и илустрацијата“, се вели во најавата.

Дискусијата ќе се одржи во среда (6 декември) со почеток во 13:30 часот.

Носител на проектот со работен наслов „Детска книжевна продукција“ е Ана Јовковска докторанд на културолошки студии на Институтот за македонска литература при УКИМ.