Три партии дадоа поддршка за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје

Три партии одговорија на барањето на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А. да се заложат за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје и родовата еднаквост.

Х.Е.Р.А

Како што соопштија од организацијата, во текот на кампањата на предвремените парламентарни до сите 14 политички партии и коалиции, подносители во листите на изборните единици било побарано да се заложат за воведување на модерна контрацепција на позитивната листа на лекови и бесплатна контрацепција за младите и лицата кои се социјално исклучени, но и да дадат гаранција дека индивидуалното право на жената слободно да одлучува за абортус нема да претрпи понатамошни ограничувања.

Од Асоцијацијата исто така побарале партиите да се заложат за обезбедување на информации за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје во наставата на основните и средните училишта, како и за финансирање на невладините организации од државниот буџет за активности за превенција од ХИВ меѓу маргинализирани групи по завршување на проектот на Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА во 2016 година.

Писмени одговори им вратиле од СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија, ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија и ПЕП 21 – Партија за економски промени кои изразија заложба од каде посочиле дека барањата се во согласност со нивните политички ставови и програмски цели.

Во 2011 година Владата на Македонија ја усвои првата Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје за период од 2010 – 2020 во која се афирмираат наведените 4 интервенции како дел од државните активности за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје.  Македонија ист така е потписник на Резолуцијата на Обединетите Нации за Милениумските Развојни Цели кои посебно го истакнуваат репродуктивното и сексуалното здравје и положбата и здравјето на жените и девојките како посебни области на глобалното делување.

Слични барања од  Х.Е.Р.А претходно упатија и до претседателските кандидати.