Зaложба на претседателските кандидати против ограничување на правото за абортус

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А.  во текот на кампањата за избор на претседател на Република Македонија побара од сите кандидати, доколку бидат избрани за Претседател на државата, да се заложат дека ќе се спротивстават на секое законско решение со кое што дополнително (во однос на Законот од 2014) ќе се ограничи уставното право на жената за прекинување на бременоста. Освен ова, од Х.Е.Р.А. побараа тие да го вратат сегашниот закон до Собранието за повторно разгледување, но и да се заложат во покренување јавна кампања за негово повлекување.

Х.Е.Р.А. доделува признанија на граѓански организации, активисти, публицисти и новинари

Како што информираат од Асоцијацијата, писмени одговори им биле вратени од двајца, од четворицата претседателски кандидати. Станува збор за Стево Пендаровски и Зоран Поповски, кои како што информираат од Х.Е.Р.А. изразуваат поддршка на индивидуалното право на секоја жена да одлучува за прекин на бременоста и даваат завет дека ќе се спротивстават на секое ново предложено законско решение кои ги ограничува правата на жената за абортус.

Во текот на минатата година, без никакво образложение, без консултации со стручната јавност, преку итна постапка, беа направени измени на Законот за прекинување на бременоста. Наместо суштински измени со медицина заснована на докази, се направија парцијални интервенции со коишто се отежнува пристапот на жената до абортус, самостојно право на секоја жена, основно право со кое една земја го декларира третирањето на родовата еднаквост. Измените на законот се засноваа на анахроното верување дека бројот на абортуси може да се намали со законски ограничувања, наместо со подобри здравствено – социјални мерки, потсетуваат од Х.Е.Р.А.