Три нови случаи на коронавирус, бројката на заразени се искачи на седум лица

Доцна вечерва од Министерството за здравство информираа за нови три лица заразени со Ковид 19 коронавирусот, со што вкупниот број заразени во земјава се искачи на 7 лица.

Станува збор за членови на семејството на сопружниците од дебарско кои пред неколку дена се вратиле од Италија и беа позитивни на коронавирусот.

Останатите петмина тестирани попладнево се негативни, соопшти Министерството за здравство.

,,Позитивните пациенти, од петокот, 6 март, беа во домашна изолација со решение за ДСЗИ, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

На коронавирус се негативни: лицето кое на 26-ти минатиот месец престојувало во Бугарија, неговата сопруга, патникот од Сингапур, наш државјанин кој пред три дена се вратил во земјава, едно лице од Гевгелија и едно од Дебар”, информира министерот Венко Филипче.

Вкупната бројка на заразени со коронавирус во земјава засега достигна седум лица.

Во текот на денов, министерот Филипче соопшти дека и директорката на Клиниката за кожни болести е меѓу заразените со коронавирус.

Како што информираше министерот, докторката не ги почитувала мерките, бидејќи по враќањето од Италија продолжила редовно да оди на работа.

Затоа, денеска се затвори целата Клиника за кожни болести, а во домашна двонеделна изолација ќе биде целиот медицински персонал.

Од минатиот петок важи препорака за откажување на јавните собири во земјава поради коронавирусот.

Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.