Четврти случај на коронавирус, заразена е директорката на Клиниката за кожни болести

Директорката на Клиниката за кожни болести има коронавирус, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, со што таа е четврти регистристриран пациент во земјава со ова заболување.

Како што информираше министерот, докторката не ги почитувала мерките, бидејќи по враќањето од Италија продолжила редовно да оди на работа. Затоа денеска се затвора целата клиника за кожни болести, а во домашна изолација ќе биде целиот медицинскиот персонал.

Здравствената состојба на директорката е стабилна, исто како и на останатите тројца пациенти со коронавирус во земјава, велат од Министерството.

Од минатиот петок важи препорака за откажување на јавните собири во земјава поради коронавирусот. Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.

Од вчера, северниот дел на Италија со 15 милиони жители е ставен во карантин од страна на италијанската владата.