Трет национален камп од проектот „Jас, ти, ние, тие можеме“: Инклузивни практики за подобрување на социјалниот, здравствениот и образовниот сектор

Во Келце, Полска, од 1 до 5 декември се одржа третиот и последен меѓународен камп како дел од проектот „Јас, ти, ние, тие можеме“, кој беше насочен кон истражување на успешни инклузивни практики со цел подобрување на вештините на професионалците од образовниот, социјалниот и здравствениот сектор во Македонија, Шпанија и Полска, информираат од здружението „Икуалити“

Како што посочуваат оттаму, при посетата се одржала средба со градоначалничката на Град Келце, Агата Војда, при која биле претставени активните мерки за поддршка на лицата со попреченост, по што следело размена на искуства помеѓу трите земји во насока на подобрување на условите за социјалниот, здравствениот и образовниот сектор.

Исто така, бил посетен Урбан Лаб – простор за активно општествено вклучување на младите, имало средба со граѓански организации што делуваат во послето на социјална инклузија, но и со Регионалниот Совет за предизвиците во вклучување на лицата со попреченост во културата.

„(На вториот ден) учесниците го посетија Центарот за грижи, кој нуди услуги и активности од областа на музика, уметност, готвење и развој на животни вештини, со цел унапредување на самостојноста на лица со интелектуални попречености над 18 годишна возраст. Дополнително, Специјалното училиште за лица со попречености ги претстави своите образовни и тренинг програми за лица со попречености за стекнување на работни вештини, како и услугите за сензорна интеграција и биофидбек терапија“, посочуваат од „Икуалити“

На третиот ден, учесниците имале можност да се запознаат и со активностите на Центарот за социјална интеграција и работно оспособување при Фондацијата „Играме со вас“, кој вработува лица со попреченост во процесот на производство и продажба на слатки и нуди дневно сместување и рехабилитација за лица со Алцхајмерова деменција и Паркинсонова болест. На средбата во асоцијацијата „Koło w Kielcach“, на учесниците им биле претставени нивните услуги за рана интервенција, рехабилитација, образование и стручно усовршување на лица со интелектуални попречености и инспиративните иницијативи за долгорочно оспособување и згрижување на корисниците.

„Оваа динамична посета ја финализиравме со евалуација меѓу партнерските организации, каде ги споделивме впечатоците со цел зајакнување на соработката и за успешно креирање на прирачник кој ќе допринесе кон креирање на поквалитетни услуги и посоодветен пристап и комуникација на професионалците и лицата со попречености“, изјави Гере Трипков, еден од учесниците и претседател на здружението „Икуалити“.

Според здружението, со успешното завршување на сите три меѓународни посети, проектот продолжува да се развива и да поттикнува силна соработка меѓу партнерите, создавајќи трајни позитивни промени во заедницата на лица со попреченост.

Инаку, проектот „Јас, ти, ние, тие можеме“ е дел од Еразмус+ КА2 програмата во областа на млади, кофинансиран од ЕУ и поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.