Трајановски: Парите од откажаната новогодишна прослава да одат за нов пункт за бездомници

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски предложува 2 милиони денари од неодржаната новогодишна прослава да се донираат за нов пункт за бездомници. Ова би се спровело преку потенцијална одлука на седница на Советот на Град Скопје.

„Сега имаме нов проект од Црвен крст за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица, односно за уште еден контејнер со 16 легла и повеќе туш кабини и јас на следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средставата  во износ од 2 милиони денари кои беа предвидени за Новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот  во Момин Поток“, истакна денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановска, кој заедно со претседалелот  на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, го посетија Пунктот и прифатилиштето за бездомни лица во Момин Поток и доделија пакети со прехранбени производи и гумени чизми.

Ваквиот предлог на Трајановски доаѓа откако низ јавноста се отвори нова дискусија и повеќе граѓани прашаа каде се парите од новогодишните прослави, бидејќи дел од општините веќе ветија дека средствата наменети за дочекот на новата година ќе бидат пренасочени во хуманитарни цели.

Инаку, од Градот денеска потенцираа дека во соработка со Црвениот крст на Град Скопје континуирано го помагаат работењето на центарот во Момин Попок, а во 2011 година отворија Прифатилиште за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници кое овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомниците во овој, центар, велат од Градот,  добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк.

„Градот Скопје за набавка на сместувачки капацитети во 2011 година издвои 1. 400. 000,00 денари и со отворањето на Прифатилиштето, капацитетите на постојниот Пункт на Црвен крст се зголемија за 60  квадратни метри.  Просторот е опремен сo 16 кревети, тоалети, кабина за туширање, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот со што  може да одговори на потребите на овие лица“, рече Трајановски.