Граѓаните бараат отчет за парите од откажаните новогодишни прослави – Град Скопје чека седница на Советот

Каде се парите од откажаните новогодишни прослави? Ова прашање од почетокот на годинава го поставуваат граѓаните, откако, под притисок на јавноста, дел од општините ветија дека средствата наменети за дочекот на новата година ќе бидат пренасочени во хуманитарни цели.

Одлуката да не се даваат пари за прослава, туку да се помогне на оние на кои име е најпотребно беше поздравена од граѓаните, но сега, три недели по новата година, граѓаните бараат отчет за ветувањата. На Твитер, секојдневно се зборува за оваа тема. Дел од корисниците бараат одговор, додека другите со поироничен тон коментираат дека и ова ветување на градоначалниците ќе помине без отчет и одговорност.

 

Одговори на овие прашања денеска побараа и од партијата Левица, кои им порачаа на локалните власти дека граѓаните нема да заборават на ветувањата.

„Доколку локалните самоуправи одбијат транспарентно да објават каде точно завршија парите на граѓаните, со право може да се смета дека тоа беше само уште еден нивни магионичарски трик, фрлајќи им магла во очите на граѓаните. Доста беше евтиното купување партиски поени“, соопштуваат од партијата, додавајќи дека ветувањето мора да биде придружено со конкретни чекори.

Град Скопје, Општините Битола, Велес и Кавадарци беа најголемите општини кои јавно соопштија дека се откажуваат од организиран новогодишен дочек и ветија дека парите ќе бидат дадени во хуманитарни цели.

За новогодишната ноќ од Град Скопје беа предвидени 2 милиони денари, од Општина Битола околу 1 милион денари, Општина Кавадарци околу 300 илјади денари, додека од Општина Велес 120 илјади денари. Засега, ниту една од нив јавно не соопшти како се потрошени средствата.

Од Град Скопје не информираа дека според првичната одлука, се чека одржување на седница на Советот кој треба да одлучи по ова прашање.

„Каде ќе се донираат (средствата), и на кој начин, ќе одлучи Советот на Град Скопје, а седница се нема одржано изминативе неколку недели. Оваа одлука ќе се најде на дневниот ред на некоја од наредните седници. Град Скопје благовремено  ќе ја информира јавноста кому ќе му бидат доделени овие средства“ се наведува во одговорот од општинската администрација.

Сличен одговор добивме и од Општина Кавадарци. И таму се чека одлука на Советот.

„На предлог на градоначалникот на Општина Кавадарци, на седницата на Советот во јануари 2017 година, советниците со мнозинство гласови ќе одлучат: каде, на кого и за што ќе бидат наменети тие средства“, ни одговорија општинските власти.

Прашања испративме и до Општина Велес и Општина Битола, но до објава на овој текст не добивме одговор за начинот на кој се потрошени средствата во овие два града.

Даниел Евросимоски