Традиционална Бруцошка забава на ФЕИТ во петок

*Настанот е одложен за сабота (15 октомври).

Во петок со почеток во 18 часот во дворот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) по 21. пат ќе се одржи традиционалната бруцошка забава.

Факултетското студентско собрание на ФЕИТ (ФСС-ФЕИТ) на Инстаграм ја објави и агендата за настанот, па така, на главната сцена почнувајќи од 18 часот ќе настапат Лука Кекиќ, „Dope Kukjata“, „Хајка“, „ZEE и Matej Foltz“ и „DJ Goce и DJ Chvare“. Во меѓувреме, на „енерџи стејџ“ од 21 часот ќе има диџеј сет на „Ермилова“, а од 23 часот на Ивана Драгшиќ.

Според Вера Палевска, претседателката на ФСС-ФЕИТ, овој фестивал покрај тоа што ја докажува способноста на студентите, ги промовира и поддржува новите таленти и ја развива македонската музичка сцена.

„Независно од името, во масовната публика на Бруцошка се наоѓаат студенти од сите години, сите области и сите краеви на Државата. Оваа година настанот има нова еко и хумана димензија. Нашата мисија е овој фестивал да ги промовира и поддржи новите таленти, со што ќе се поттикне развојот на музичката естрада. Затоа, даваме шанса на познатите, но и на свежите млади
домашни изведувачи, музичари, пејачи, бендови, DJ-и“, вели Палевска.

Влезот за настанот е слободен.