„Tout Bleu“ денес свират во „Фросина“

Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје вечер (22 октомври) по 21 часот ќе се случи концерт на „Tout Bleu“, кој се прави во соработка меѓу „Розе кадилак“ и „5060“.

Организаторите посочуваат дека „Tout Bleu“ започнува како проект на Симон Убер, мултиинструменталистка од Женева, позната по својата работа во „Massicot“ и „Hyperculte“ – бендови кои го дефинираа новиот бран на швајцарската авангардна и DIY (направи сам) сцена.

Од истата заедница произлегуваат издавачите и колективите како „Bongo Joe Records“ и „Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp“, кои го поврзуваат експерименталниот звук на градот со пошироката европска алтернативна сцена.

„‘Tout Bleu’ ја слават слободата на звукот и просторот без ограничувања и компромиси. Се движат со силен ритмички пулс, хипнотични гудачи (виола и виолончело) и етеричен вокал со надреална димензија што трепери помеѓу шепот и крик. Нивната музика вткајува размислувања за времето, отпорот и колективната свест, создавајќи звучен пејзаж што се протега од кревка акустика и суптилни мелодии до експресивни електронски и пост-панк текстури. На сцената, оваа четворка вибрира како едно тело, истовремено ранливо и моќно, во интимен ритуал што повикува на движење и транс“, стои во најавата за настанот.

Освен Симон Убер, бендот го сочинуваат Лучијано Туреља, Беатриз Раимундо и ПОЛ.

Билетите може да се набават онлајн по 400 денари, или на врата од 500 денари.