Тони Милески: Еколошкото образование да се вклучи во наставните програми за да имаме поинформирано и поодговорно општество

Климатските промени, глобалното затоплување, миграциите од аспект на животната средина, загадување на воздухот, водата и почвата, природните несреќи и шумски пожари се само дел од заканите по безбедноста кои произлегуваат од животната средина и го претставуваат концептот еколошка безбедност кој е дел од целокупната национална безбедност.

Според проф. д-р Тони Милески, од Институт за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитет Св. „Кирил и Методиј во Скопје“, најголемиот дел од еколошко-безбедносните закани не манифестираат директно насилство, туку еден вид „структурно насилство“ кое трае подолг временски период и сериозно го нарушува квалитетот на живеењето, а со тоа влијае и на здравјето на луѓето. Тој ја дефинира еколошката безбедност како јавна безбедност од опасностите по животната средина предизвикани од природни или човекови процеси.

Милески во интервју за Республика зборува за концептот „еколошка безбедност“ и неговиот третман во Македонија.

На кој начин безбедноста на животната средина е интегрален дел од вкупната безбедност?

Безбедноста, следејќи го традиционалниот концепт се набљудува како синоним за националната безбедност со две главни цели – зачувување на територијалниот интегритет на државата и суверенитетот над таа територија во политички и во воен поглед.  Во денешни услови, еколошката безбедност се разгледува интензивно, меѓутоа сè уште отсуствува согласноста за јасна дефиниција за тоа што, всушност, претставува концептот на еколошката безбедност. Голем број експерти се обидуваат да креираат ригорозна рамка и убедливи дефиниции за тоа што всушност претставува еколошката безбедност. Неодамнешните дискусии за еколошката безбедност укажуваат дека „еколошката деградација, предизвикана од човекот и недоволните ресурси се поставуваат како фундаментални физички закани“.

Опсегот на пристапноста кон еколошката безбедност може да се класифицира како недоволност на ресурсите како причина за политичка нестабилност и конфликт, еколошката деградација причинета од војни или подготовки за војна, еколошката деградација како закана за човековото здравје и човековата благосостојба и еколошката деградација која го нарушува суверенитетот.  Првите две категории имаат тенденција да се групираат во оние еколошки проблеми кои имаат воени консеквенци или импликации. Другите две категории вклучуваат пошироки еколошки закани, кои можат, но, не мораат да имаат воен предзнак.

Одредени аналитичари еколошката безбедност ја дефинираат како државна заштита на луѓето од еколошките закани и заканите кои потекнуваат од животната средина. Според нив, главен актер во промовирањето на заштитата е државата, бидејќи животната средина ќе стане безбедносен проблем во оној момент кога државата ќе биде приморана да користи посебни мерки за справување со еколошките притисоци. Според горенаведеното, најсоодветно е да кажеме дека еколошката безбедност претставува јавна безбедност од опасностите по животната средина предизвикани од природни или човекови процеси. Еколошката безбедност претставува состојба на динамика помеѓу човекот и животната средина која вклучува обновување на животната средина оштетена од воените дејствија и подобрување на ресурсните недостатоци, еколошката деградација и биолошките закани кои можат да доведат до социјални тензии и конфликти. Односно, еколошката безбедност претставува поим кој теоретичарите и практичарите го употребуваат за да укажат на врската помеѓу условите на животната средина и безбедносните интереси.

Кои се најчестите закани по безбедноста од аспект на животната средина кај нас?

Пред да се одговори на прашањето кои се најчестите закани по безбедноста кои произлегуваат од животната средина, треба да се укаже дека состојбата на еколошката безбедност е онаа во која социјалните системи се во интеракција со еколошките системи преку еден одржлив начин во кој сите индивидуи имаат пристап до природните добра на еден чесен и разумен начин и во кој постојат механизми за идентификација на еколошките кризи и притисоци. Оттука, концептот за еколошката безбедност, всушност треба да даде решенија за справување со сите закани по животната средина и оние кои произлегуваат од неа. Со други зборови, концептот на еколошката безбедност треба да обезбеди организирано искористување на природните ресурси во целина, без нанесување неповратни оштетувања на животната средина и загрозување на здравјето на луѓето.

Тоа подразбира развој на модерен систем за администрирање со употребата на природните ресурси како предуслов за гарантирање на еколошката безбедност. Односно, промовирање на принципи за рационално користење на природните ресурси, според кои нивото на антропогеното влијание треба да кореспондира со способностите на екосистемите за неутрализирање на последиците. Со оглед дека висок степен на кохезија помеѓу антропогеното влијание и екосистемите не е достигнат, се јавуваат бројни еколошко безбедносни закани и ризици.

Меѓу најчесто споменуваните и оние кои високо котираат во научните и политички кругови се: климатските промени, глобалното затоплување, миграциите од аспект на животната средина, загадување на воздухот, водата и почвата, природните несреќи, шумски пожари и многу други.

Како се справуваме со нив?

И покрај високиот степен на транспонираност на европското законодавство во оваа сфера, практично имплементацијата на конкретни активности е загрижувачки на ниско ниво. Ако го земеме примерот на загадениот воздух, кој веќе со години наназад, претставува проблем во државата, а особено во главниот град, ќе констатираме дека многу малку или воопшто не се видливи конректни ефекти од некоја издржана акција.

Но, преку примерот на загадениот воздух, можеме да увидиме дека најголемиот дел од еколошко- безбедносните закани не манифестираат директно насилство, туку една врста т.н. „структурно насилство“ кое е манифестно во подолг временски период во кој сериозно го нарушува квалитетот на живеењето, а со тоа влијае и на здравјето на луѓето.

Колкави се ресурсите на Македонија за санирање на последиците и за преземањето превентивни мерки од една страна, но и подготвеноста овој проблем да се третира како ризик за националната безбедност? 

Отпорноста на општеството е клучот на сите одговори поврзани со современите безбедносни закани, вклучувајќи ги и еколошко-безбедносните закани. Со оглед на фактот што најголемиот дел од заканите имаат прекуграничен карактер, едноставно не е возможно државите сами и изолирано да се справуваат со нив. Она што секоја држава може индивидуално да го преземе во овој поглед е да изгради капацитети за отпорност на општеството, со што би се намалила неговата ранливост и би се зголемиле способностите за санирање на последиците. Во свет исполнет со непредвидливост и неизвесност, еколошката проблематика се уште, за жал, е некоја второстепена тема и во делот на националната безбедност.

Дали еколошката безбедност се интегрира во економските, финансиските, инфраструктурните, социјалните и пред сè безбедносни политики на национално ниво и колку е застапена во националните стратегии за безбедност или во други документи?

Постои интегрираност на еколошката проблематика во скоро сите сфери на државата. Но, треба да се напомене дека практичната акција по одност на пропишаните политики е на незадоволително рамниште. Во сферата на безбедноста, но и генерално, треба да тргнеме од констатацијата дека една од темелните вредности на уставниот поредок на државата е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Во делот на правата и обврските на секоја граѓанин, се напоменува дека секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Евидентно е дека уставните начела налагаат политиките во различни сфери од општественото делување да ја интегрираат еколошката проблематика.

Конкретно, до неодамна стратегиските документ од сферата на одбраната и безбедноста немаа доволно имплицитни одредби поврзани со еколошката безбедност. Тоа се промени со Стратегијата за одбрана од 2020 година, која беше вратена на доработка од страна на Претседателот на државата од причина што не содржеше точки поврзани со еколошката безбедност. Чинот на враќање претставува јавен и јасен сигнал дека сите политики за национална безбедност како и ревизиите на стратегиските документи во иднина треба сериозно да се позанимаваат со проблематиката на еколошката безбедност.

Дали казнената политика во однос на заштитата на животна средина и овозможување на еколошка безбедност е доволна или се неопходни измени? 

Во Кривичниот законик постојат казнени одредби кои санкционираат голем дел од појавите поврзани со еколошкиот криминалитет, кој, исто така, претставува значаен сегмент од остварувањето на целокупниот концепт за еколошка безбедност. Евроинтегративните процеси значат прифаќање на светските стандарди и принципи за заштита на животната средина. Тоа значи, денес, во државата не постојат значајни разлики меѓу постојното национално законодавство и Директивите на Европската унија за заштита на природата.

Кои се препораките за подобрување на еколошката безбедност во нашата држава?

Како претставник на академската фела, можам да потенцирам дека отсуствува соодветна застапеност во образовниот процес на содржини поврзани со еколошката безбедност. Според мене, вклучувањето на еколошката безедност во образовниот процес е круцијално. Тоа ќе обезбеди зголемување на свеста за прашањата за животната средина, ќе се промовираат одржливи практики и ќе се подготват идните генерации за справување со еколошките предизвици. Интегрирањето на еколошкото образование во наставните програми (основно, средно, високо) може да придонесе за поинформирано и еколошки поодговорно и поотпорно општество.

Ова би можело да се реализира низ неколку конкретни чекори како што се развој на наставни програми кои опфаќаат еколошки теми во склопот на веќе постоечки програми (од корпусот на општествените науки), тренинг и обуки кои ќе придонесат развој на можностите за наставниците, професорите да ги збогатат своите знаења и методите поврзани со еколошката безбедност, наставен материјал, учебници и слично кои ќе обработуваат релевантни содржини поврзани со еколошки проблеми, формирање еколошки клубови и активности преку кои студентите ќе се мотивираат да стекнуваат знаења преку практични еколошки проекти, покана на експерти предавачи и организирање екскурзии до еколошки локации за доловување на ефектот од витинска изложеност на еколошките ризици и решенија за истите, мотивирање на студентите да учествуваат во иницијативите и проектите од локалните заедници и заложби за политики кои ја поддржуваат интеграцијата на еколошкото образование во училиштата на локално, регионално и национално ниво.

Новинарка: Ангела Рајчевска

Фото: Маја Јаневска Илиевска

Извор: Республика

Содржината ја изработи: Институтот за комуникациски студии.