„Tokio glitched“ – изложба на дигиталната уметност на Симон Калајџиев

На изложбата „Tokio glitched“ ќе биде претставен серијалот „Tokio city slice“ на македонскиот уметник Симон Калајџиев. Изложбата ќе се отвори на 7 мај и ќе трае десет дена, до 17 мај.

Во „Јавна соба“ во 19 часот, ќе бидат претставени глич арт принтови со „вејпорвејв“ вајб, дигиталната уметност  на Калајџиев.

Токму со своите глич дела, Калајџиев беше објавен и во „Токио Викендер“- списание кое објавува различни уметнички дела на уметници во Токио – писатели, фотографи, видеографи, илустратори на својата платформа.

Серијалот „Tokio City Slice“ претставува збир на дигитални дела на футуристот Симон Калајџиев. Ваквите дигитални дела спаѓаат во категоријата на глич уметност, уметничка форма која намерно создава „грешки“ во дигиталната уметност на сметка на визуелната естетика.

Ваквото уништување дел од уметничките критичари го нарекуваат нео-дадаистичка уметност, а дел сметаат дека глич уметноста е огледало на постмодерниот и несигурниот свет.

Калајџиев ги создал овие дела во 2016 и 2017 година, а за инспирација ја наведува распространетата празнина на Токио. „Токио Викендер“ глич фотографиите на Калајџиев ги опишува како портали кон дигиталниот универзум.

Симон Калајџиев е млад автор. Дипломира во 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин. Зад себе има самостојни изложби, а учествувал и на групни претставувања во земјава и во странство. Омилена тема му е урбаниот пејзаж.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)