Тетово нема градски парк, зелените површини остануваат само предизборни ветувања

Тетово и понатаму нема градски парк, иако тоа е ветувано досега многу пати и за истото се презентирани најразлични идеи. Една од идеите за градски парк на актуелниот градоначалник, Билал Касами, беше Касарната да се трансформира во парк. Неодамна, такво нешто вети и кандидатот за градоначалник на Тетово од редовите на ДУИ, Бајрам Реџепи. Меѓутоа, ваквите ветувања за граѓанското општество се празни, кои како што велат, парковите се ветуваат пред избори, а по изборите се градат бизниси, пишува Порталб.мк. 

Освен што нема градски парк и тие малкубројни паркови што постојат честопати не се одржуваат како што треба.

Пред три години, во 2022 година, беа презентирани две идеи за создавање на градски парк. Првата идеја беше од иницијативата „ Teтово сака парк”, за парк од 16 хектари на влезот на градот. Втората идеја ја даде градоначалникот на Тетово, Билал Касами, за трансформација на градската Kaсарна во парк. Но, ниту една од овие две идеи сè уште не е имплементирана на терен.

Градоначалникот на Тетово Касами, пролетва изјави дека еден од овие два простори ќе биде трансформиран во парк, но тоа ќе се направи со новиот генерален урбанистички план.

„Што се однесува до двете локации, ова се прашања што треба да се решат со генерален план, врз основа на јавна дебата што ќе се води врз основа на генералниот план, ќе се утврди која од нив е посоодветна за јавни институции, а која за парк“, вети Касами.

Во меѓувреме, кандидатот на ДУИ за Тетово Реџепи, неодамна излезе со идеја и кажа дека една од главните проекти во нивната програма #ЗаНовоТетово, ќе биде преместување на касарната во Тетово и нејзина трансформација во градски парк и современ институционален центар.

„Според стандардите на НАТО, ваквите воени објекти не треба да бидат во близина на градските зони и да претставуваат потенцијална опасност за околното подрачје. Ќе го претвориме овој близок јавен простор од над 190.000 м2 во парк и административен центар за градот“, ветува Реџепи.

Но, според Даријан Сотировски од иницијативата „Тетово сака парк“, овие ветувања се само фасада, тој вели дека пред изборите се даваат многу ветувања, се покажува сочувство и разбирање, но потоа се прави бизнис.

Дарјан Сотировски

„Затоа нашата иницијатива поддржува добро осмислени решенија. Ќе ги презентираме во пресрет на овие избори. Нивното прифаќање е наше мерило, на граѓаните, за прифатливоста на политичката понуда. Во еден момент, чашата ќе се прелие и мора да кажеме стоп, Тетово никогаш нема да се развие како модерна, хумана и урбана средина. Потребни се радикални промени“, рече Сотировски.

Слично размислува и Агрон Арифи од иницијативата „Подобро за Тетово“. Тој вели дека ветувањата за паркови и зелени површини остануваат само предизборни ветувања.

„Обично кога го добиваат четиригодишниот мандат, еколошката посветеност е последна на листата бидејќи таму нема финансиски придобивки, што е главната цел на секој градоначалник. Сведоци сме на континуирано бетонизирање на градот и на секоја зелена површина се гледа како потенцијална придобивка од страна на урбаната мафија. Случајот „Монопол“ е доказ за одлична соработка помеѓу урбаната мафија и општинските органи, простор кој беше идеално место за парк што му недостига на градот“, рече Арифи.

Агрон Арифи

Неодамна во Општина Тетово избија неколку урбанистички „криминали“, како што се продажбата на поранешниот Moнопол, легализацијата со бројни прекршоци на викендицата на Фатон Мурсели на Попова Шапка и изградбата на згради со повеќе спратови од планираното. Во меѓувреме, во некои делови од градот започна изградбата на неколку други повеќеспратни згради.

Тетово нема Генерален урбанистички план од 2003 година, а тоа е една од причините за урбаниот хаос во градот. Се очекува новиот Генерален урбанистички план за градот да биде усвоен идната година, 2026 година, по локалните избори што ќе се одржат на есен.

Инаку, во изборната програма „Сè за Тетово“ 2021-2025 со која градоначалникот на Тетово Билал Касами се натпреваруваше и победи на последните локални избори во октомври 2021 година, меѓу другото, се споменуваат и зелените површини. Во делот за урбанистичкото планирање, поточно на страна 22, се наведува дека Урбанистичкиот план ќе биде ревидиран и проширен за да се овозможи изградба на станбени комплекси или дури и деловни центри, според стандардите каде што најмалку 1/3 од просторот треба да бидат зелени површини и рекреативни површини.

На страна 26 пак, се ветува: Среднорочен план за проширување на зелените површини. Но, сега веќе при крај на мандатот, ниедна од овие точки не е реализирана на терен.