Тетовци на протест против дивата депонија

Жителите на населбата „Деребој“, која се наоѓа во непосредна близина на тетовската „дива депонија“, за денеска во 13 часот најавија протест со цел да ги принудат надлежните да го отстранат ѓубрето на влезот од градот.

Протестот го поддржија и од еколошкото движење „Еко-герила“, кои ги повикаа тетовци масовно да се приклучат на протестот и да ја принудат општината во дислоцирањето на депонијата надвор од градот.

Радио МОФ веќе пишуваше дека поради растот на температурите, од депонијата се шири ужасна смрдеа.

Надлежните неколку пати досега ветуваа конечно решавање на проблемот, но градското ѓубре продолжува да се одложува на истата локација.

Опасноста од „дивата депонија“, која е децениски проблем на градот, посебно е изразена во летниот период. Во минатото често се случуваше, поради високите температури, ѓубрето да се запали и преку чадот, во градот да се шират токсични материи.

Еколошките активисти постојано ја посочуваат депонијата дека го труе населението и претставува срамна точка на градот, додека граѓаните организираа повеќе протести, тврдејќи дека истоварот на смет на таа локација, освен што го загрозува нивното здравје, го прекршува и законот.