„Телото што ја памти тишината“ – нова изложба на Тања Балаќ во Музеј на современа уметност

Во Музејот на современа уметност во Скопје, утре со почеток во 20 часот, уметницата Тања Балаќ ќе го претстави својот нов проект „Телото што ја памти тишината“ – мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.

Изложбата е конципирана како просторно и визуелно искуство составено од две целини: инсталација поставена во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку внимателно избрани и минималистички изразни средства – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент кој поттикнува продлабочена перцепција и внатрешна концентрација кај посетителите.

Во центарот на проектот е концептот на телесна меморија, претставена како тивко и често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се изрази директно или наративно. Делото отвора простор за суптилни и интимни состојби, овозможувајќи нивно силно, но ненаметливо доживување.

Со „Телото што ја памти тишината“, Тања Балаќ продолжува со своето долгогодишно уметничко истражување, кое повеќе од три децении ги поврзува личните искуства со пошироки теми како присуството, ранливоста и тишината.

Текстот за изложбата е на кураторката Алесандра Чианети од Лондон, додека отворањето ќе го одбележи проф. д-р Антоанела Петковска, редовен професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет.